21.si

Технологијата на лифтови оддамна нема некоја голема иновација и се базира на концепти предложени пред неколку децении. Последната голема надградба на овој концепт е со кочниците за итни случаи на Елајша Отис кои овоможуваат лифтот да застане во случај на кинење на сајла и при друг инцидент. Тоа не значи дека дизајнерите на лифтови престанале да бараат подобрувања на самиот концепт, но ретко кој од нив тргнале со радикално промислување на целиот концепт одново.

Запознајте се со MULTI на ТајсенКруп – концепт на лифт кој се движи со помош на магнети и не користи сајли за да оствари моторика или некоја друга функција. Овој концепт овозможува и една друга иновација која има потенцијал да го направи лифтовскиот сообраќај поефикасен и побрз – MULTI може да се движи и хоризонтално, а не само вертикално.

Основната идеја е дека кабините се движат со магнетска левитација (маглев; истото што ги движи ултрабрзите возови кои лебдат над шината и немаат тркала), што им овозможува да се движат во кој правец сакаат во зградата. Од ТајсенКруп се надеваат дека ваквата технологија и концепт ќе предизвика револуција кај дизајнот на зградите и другите објекти на кои им требаат лифтови со цел да овозможат целосно да се искористи можноста лифтовите да се движат и хоризонтално. По нив, ова ќе овозможи далеку поголема ефикасност и брзина на транспорт бидејќи во истата вертикала ќе можат да се качуваат повеќе кабини кои ќе одат една зад друга, а потоа ќе се преместуваат во друг дел на зградата каде што ќе ја вршат функцијата на спуштање – остварувајќи две задачи истовремено и овозможувајќи на истото место да се сместат многу повеќе кабини. Потоа кабините повторно ќе се вратат на првичната вертикала за нагоре и така ќе вртат во круг.

https://www.youtube.com/watch?v=KUa8M0H9J5o

Секоја кабина има два магнетни линеарни мотори – еден за вертикално и еден за хоризонтално движење. Електричната енергија до нив како и до осветлувањето и останатите работи внатре во лифтовите се остварува преку електромагнетна индукција елиминирајќи ја потребата од кабли. ТајсенКруп се` уште нема објавено како го замислуваат безбедносниот систем во случај на снемување на електрична енергија, но веруваме дека оваа компанија која е една од најпознатите светски компании за лифтова технологија има посветено (или ќе посвети) доволно внимание и на овој сегмент.

Во моментот од ТајсенГруп дизајнираат кула висока 240 метра на која ќе можат да ги тестираат овие лифтови, која треба да биде завршена во 2016 година.

Извор: Geek, RT

Претходна статијаПравото „да бидеш заборавен“ се претвора во глобална алатка за цензура
Следна статијаHP EliteBook Folio 1020 – ултралесен преносен компјутер наменет за бизнис корисниците