Huawei на почетокот од септември го претстави нивниот најнов паметен часовник Watch GT 2 Pro. Иако на пазарот има повеќе избор, а исто така и Huawei веќе има одлични часовници во понудата, овој посебно го привлече нашето внимание.

Причината за тоа е одличниот дизајн и изработка кои на часовникот му даваат изглед како на обичен часовник, кој е целосно удобен за носење, а тука секако е и конкурентната цена од 17.999 денари.

Иако Huawei Watch GT 2 Pro има одлични функции, сепак тоа што според нас ќе го привлече вниманието на корисниците е неговиот дизајн и изработка, цената, како и траењето на батеријата.

Кога веќе ја спомнавме батеријата, часовникот го добивме на тест со половина од батеријата испразнета и го тестиравме цела недела. Решивме да не го полниме додека нема потреба за истото, а часовникот го вративме и ниту еднаш немаше потреба да го наполниме. Го вративме со батерија на 15%.

Дизајн

Прво што се забележува кај Huawei Watch GT 2 е рамката која е така направена и вклопена со „темите“ на часовникот, што изгледа како тој да нема рамки. Ова е постигнато со нешто што исто така се користи кај обичните часовници, а тоа е поставеноста на часовите, односно мали линии до крајот на рамката. Кога на ова ќе се додаде дека часовникот е прилично тенок, а тука се и класичните копчиња на едната страна, никој нема да може да забележи дека носите паметен часовник, туку ќе мислат дека се работи за поскап обичен часовник.

Се работи за вкус, но според нас секогаш е добро и привлечно да паметниот часовник не изгледа нешто многу различно од обичните часовници затоа што на крајот, целта е тие да бидат заменети. Тие што сакаат да користат паметен часовник само поради неговите фитнес функции кога се активни, имаат избор од фитнес алки и слични часовници, но сепак тие не можат да заменат нешто што се користи како дел од стилот на корисникот.

Watch GT 2 Pro е изработен од легура на титаниум, додека делот којшто допира на раката е од керамика, а стаклото од екранот е направено да биде издржливо преку сафир кристал. Нема дел од часовникот кога го гледате да не ви остави одличен и скап впечаток, а за тоа се погрижиле од Huawei со нивното внимание при дизајнот и изработката.

Ременчето е така направено да биде доволно круто и да остава квалитетен впечаток, но да не влијае на удобноста при носење. Бојата е одлична и се вклопува со остатокот од часовникот.

Карактеристики

Huawei Watch GT 2 Pro доаѓа со екран со големина од 1,39 инчи со резолуција од 454 на 454 пиксели, со што се добиваат 326 пиксели на инч. Изработен е со AMOLED технологијата, од каде доаѓа и одличниот изглед на достапни теми од часовници.

Екранот е заштитен со сафир кристал, но сепак не сакавме да ја тестираме издржливоста со нашиот тест уред. Веруваме дека шансите да го изгребете екранот со нормално користење се многу мали.

Оперативниот систем на кој работи Watch GT 2 Pro е Huawei Lite OS, а го „движи“ Kirin A1 процесорот кој во нашето искуство не покажа ни малку проблеми во извршувањето на било која функцијата.

При користењето имате избор од тоа да часовникот цело време е вклучен или да се вклучува кога ќе го свртите. Препораката е да се користи сепак по потреба, со цел подолго траење на батеријата.

Батеријата се полни на безжичен полнач кој е многу мал и нема да зима простор каде и да го ставите, а се што треба е да го поставите часовникот брз него.

Функции, фитнес и здравје

Huawei Watch GT 2 Pro е полн со достапни активности кои може да ги мери, доволно да немаше шанса ни половина од нив да ги пробаме. Од компанијата истакнуваат дека достапни се повеќе од 100 дисциплини со кои може да се користи Watch GT 2 Pro, што значи дека што и да правите, ќе може да биде измерено и ставено во анализа.

Ние во главно ги користиме ваквите уреди за неколку активности, за шетање, односно мерење на чекори, џогирање и планинарење.

Huawei Watch GT 2 Pro ги мери активностите со голема прецизност, а тоа што покажа нашето тестирање и се истакнува, е точноста во проценувањето на активноста, без истата ние да ја вклучиме и изборот кој се нуди за продолжување.

Интересно беше што Watch GT 2 Pro кога забележа дека џогираме, не праша дали тоа го правиме надвор или на трака за трчање, за што е јасно дека не се прават истите мерки.

Додатни мерења кои може да ги направи Watch GT 2 Pro можеме да ги вклучиме во категорија на здравствени функции. Тие вклучуваат мерење на пулсот, кое може да биде и континуирани, мерење на стресот, како и мерење на заситеноста на крвта со кислород, нешто што стана посебно популарно оваа година со коронавирусот.

Тоа што посебно се забележува при користењето на Huawei Watch GT 2 Pro е колку е направен да биде интуитивен, едноставен, па целото внимание ќе го насочите кон гледање на информациите, а не мислејќи што и како се прави.

Со повлекување нагоре ги добивате вашите известувања од поврзаниот телефон, а надолу брз пристап до прилагодувањата. Лево и десно се достапни различните функции на часовникот, а со притискање на копчињата се доаѓа со лесен избор на активност или мерење кое сакате да го направите.

Заклучок

Заклучокот би го почнале со реакцијата која ја имавме кога го земавме часовникот на тест, реакција која остана и за време на тестирањето, а тоа е дека дефинитивно ќе го купиме овој часовник.

Квалитетниот изглед и изработка кои се направени како да носите обичен часовник, тенкиот уред, и достапните функции, едноставно го прават овој часовник еден од најдобрите на пазарот, а кога ќе се земе во предвид неговата цена, можеби е и најдобриот.

Како една од одлучувачките карактеристики мора да се истакне траењето на батеријата, нешто што барем за паметните часовници прави голема разлика. Се навикнавме дека мора секој ден да ги полниме нашите смартфони, а повеќето од нас и повеќе пати на ден, а не ни треба уште еден уред кој ќе мора секој ден да го мислиме да не остане без батерија. Како и да го користите часовникот, нема да поминете без барем 5 дена додека морате повторно да го ставите на полначот.

2 КОМЕНТАРИ

  1. Здраво, пред се добар прилог, краток но јасен. Но имам една забелешка, ако посебно внимание ставате на батеријата погрижете се фактите да Ви се точни. Затоа што пишавте дека батеријата била 20% кога сте ја вратиле, а само една слика подолу се гледа дека е 15%. Е сега дали е лага или не, тое едно, но сигурно има место за сомнеж.

    • Хах, добра забелешка. Ненамерна грешка е, за време на пишување на статијата, а уредот веќе вратен, ни останало во меморија дека е 20%, најверојатно поради што за време на користењето толку и било, а последните screenshot-ови кога сме ги правеле, не сме забележале. Пропуст, кој не треба да се случи, но сепак пропуст. Ќе исправиме соодветно во статијата.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.