„PlayUK“ е инспиративна дигитална програма на Британски совет, којашто ги поврзува креативците од гејминг индустријата ширум Обединетото Кралство и земјите од Западен Балкан. Овој пат ќе ви ја претставиме новата, целосно дигитализирана програма, како и првиот од професионалните салони кои ќе се одржуваат на секои две недели.  

По неколку возбудливи изданија ширум земјите од Западен Балкан, вклучително настани во живо кои се одржуваа во поголемите градови во регионот последниве три години, како и успешни онлајн сесии кои се одржуваа во периодот помеѓу март и август 2020 г., Британски совет со задоволство ви најавува дека на праг е да започне најновото издание на „PlayUK“!

Ова издание, особено задоволство ни претставува соработката со Мари Фулстон, креативна продуцентка којашто е наградувана за радикални изложби, видеоигри, инсталации и дигитални проекти, и којашто дизајнираше интересна и инспиративна програма за професионалците од оваа индустрија и за дигиталните ентузијасти. Во 2019 година, таа е прогласена за една од стоте највлијатени жени во гејминг индустријата во Обединетото Кралство.

Претстојното издание на „PlayUK“ ќе понуди разнолика програма која ќе ги користи предностите на онлајн медиумите. Ќе продолжиме на секои две недели да одржуваме онлајн работилници за професионален развој, или како што милуваме да ги нарекуваме „салони“.

На првиот салон ќе ни се придружат создавачите на новата шармантна логичка авантуристичка игра „Мртов сум“ („I Am Dead“), познати и како создавачи на игрите „Хохокум“ („Hohokum“) и „Вилмотс Верхаус“ („Wilmot’s Warehouse“). Рики Хагет, Кетрин Џонсон и Ричард Хог ќе зборуваат за создавањето на мистериозниот остров Шелмерстон и неговите жители, како и за предизвиците при создавањето и издавањето видеоигри во 2020 година. За време на настанот ќе објавиме дополнителни информации за претстојната дигитална програма, како и за идните говорници на современите салони. 

Оваа година, за првпат ќе ја претставиме програмата за менторство, наменета за менторите од Обединетото Кралство и учесниците од земјите од Западен Балкан, којашто ќе претставува единствена можност тимовите да ги развиваат проектите во соработка со некои од најдобрите британски професионалци за игри.

„PlayUK“ ќе кулминира со специјална онлајн изложба напролет, во 2021 година, на која ќе бидат претставени резултатите од програмата за менторство, како и дополнителни видеоигри за љубителите на видеоигрите и дигиталната уметност. 

„PlayUK“ е платформа на Британски совет за поддршка на креативноста во дигиталната уметност во земјите од Западен Балкан, со која ќе се понуди пристап до нови вештини и знаење, но и ќе се создаде и зајакне интеракцијата помеѓу уметноста и технологијата. Преку воспоставување врски меѓу практичарите на разни дигитални и уметнички дисциплини од Обединетото Кралство и земјите од Западен Балкан, со програмата на „PlayUK“ се истражуваат теми како програмирање, хардвер, игри и перформанси, теорија на игри, виртуелна реалност, вештачка интелигенција, анимација, имерсивни медиуми, креативно програмирање, наративен дизајн и други дигитални практики во уметноста, и се создава уникатен мост помеѓу креативците и ИКТ секторот. За повеќе информации за платформата посетете ја нашата веб-страница: www.britishcouncil.mk.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.