Веќе достапни на македонскиот пазар, на тест ги имаме слушалките од средната класа на Huawei, FreeBuds 4i. Како и се друго од оваа компанија, иако не се работи за производ од највисоката класа, тоа не може да се забележи од пакувањето, самиот производ и функциите кои се достапни.

FreeBuds 4i се безжични слушалки кои најважно од се доаѓаат со активно придушување на бучавата, нешто што е доста важно за корисниците кои слушаат музика надвор или во канцеларија, на пример. Се полнат преку кутијата во која се чуваат, а можат да издржат доста часови на слушање музика.

Дизјан и удобност

Слободно може да се каже дека во категоријата на безжични слушалки наменети за носење во увото, постојат само два вида на дизајн. Huawei го има избрано правецот на Apple, каде што слушалките наликуваат како тие со кабел, но тука завршуваат.

Иако кога е во прашање изгледот се сведува на вкусот на корисникот, сепак кај овој вид на дизајн може да се каже дека има и една практична предност, а тоа е поголемата стабилност на слушалките кои поради делот кој оди по страната на увото надвор, просторот за мрдање е помал. Тоа ги прави овие слушалки повеќе погодни за користење при вежбање и ситуациите кога мора да се „подместат“, нешто што корисниците кои вежбаат со безжични слушалки знаат дека е нешто што мора да се прави, се доста поретки.

Слушалките доаѓаат во посебна кутија во која и се полнат, а ова е стандардот кај ваквите производи. Кутијата е добро и со внимание направена. Истата е доволно мала и заоблена за лесно користење, а и да не зафаќа многу простор во џебот или ранецот.

Поради достапноста на неколку гумички, може да се избере саканата удобност, со што користењето на слушалките повеќе часови не претставува проблем за увото.

Квалитет на звук

Главната карактеристика на FreeBuds 4i, која во голема мера влијае и врз квалитетот на звукот е ANC – Active noise cancelation, односно активното придушување на бучавата. Поради оваа карактеристика, слушалките се погодни за користење надвор при шетање, како и во гласно опкружување, како на пример во канцеларија со повеќе луѓе.

Квалитетот на звукот којшто го добивме со Huawei FreeBuds 4i беше одличен, а слободно може да се каже и дека подобар од тоа што го очекувавме. Слушалките се од средната класа и се продаваат по прилично ниска цена, па соодветно не очекувавме квалитет како од слушалките кои се продаваат по цена од 12.000 денари и нагоре.

Сепак, кога ќе се тргне на страна овој фактор и кога ќе се цени квалитетот соодветно на категоријата, можеме слободно да кажеме дека FreeBuds 4i го имаат еден од подобрите квалитети во споредба со конкурентите. Се работи за Huawei, а тоа секако поставува одредени очекувања кај корисниците.

Деталите од песните одлично се распознаваат, а исто така може да се каже дека добро поминуваат и ниските тонови.

Придушувањто на бучавата е одлично имплементирано и фактот дека слушалките скоро воопшто не се мрдаат во увото, се добива звук кој цело време може да се слуша без да пречи околината.

Ова исто така може да се каже и за повиците кои немаше проблем да ги направиме во било која околина. Слушалките прават прилагодување и на звукот кој доаѓа до нив, односно немаат проблем да не слушаат и од другата страна на разговорот.

Функции и прилагодувања

FreeBuds 4i се доста едноставни за користење. По поврзувањето со телефонот, иако може да се користат и така, се што треба е да се инсталира и AI Life апликацијата од Huawei. Преку оваа апликација може да се надградува софтверот на слушалките, а исто така може да се вклучува и гаси придушувањето на бучавата.

Иако апликацијата е достапна и во Play Store, Huawei препорачува да се симне преку QR кодот кој го има на кутијата, поради тоа што верзијата на Play Store може да има проблеми со телефони кои не се Huawei. Доколку имате Huawei телефон, симнете ја едноставно преку AppGallery.

Со мобилната апликација исто така се прилагодуваат и функциите при допир на слушалките. Изборот кој е достапен е за двојно притискање на слушалките и нивно држење, а прилагодувањето е посебно за двете слушалки. Изборот секако е помеѓу менување на песната која се слуша, плеј и пауза, вклучување на ANC и слично.

За целосно прилагодување на околината, преку AI Life се добива избор од три режими на работа. Вклучено активно придушување на бучавата, исклучено и Awareness режим кој работи обратно од ANC, односно ги засилува звуците од околината. Ова секако е одлично за ситуациите кога се разговара со некого, па нема потреба да се извадат слушалките за да може добро да се разбереме.

Батерија

Батеријата на слушалките се покажа одлично. Разлика може да се забележи во нејзиното траење зависно од тоа дали е вклучено придушувањето на бучавата, како и нивото на тонот, но заедно со кутијата во која се полнат и која има своја батерија, можевме без проблем да слушаме музика цел ден.

Со оглед на тоа дека ретко кој слуша музика цел ден без пауза, кратко полнење на слушалките овозможуваат доволно дополнително време на слушање.

Huawei FreeBuds 4i дефинитивно може да се каже дека немаат конкуренција во нивната ценовна категорија. Како што е карактеристично за оваа компанија, квалитетот на производот е секогаш една класа погоре од цената, па овие слушалки нема да го разочараат корисникот во никој случај.

Одличен квалитет на звукот, супер издржливост на батеријата и квалитетна имплементација на функцијата за придушување на бучавата.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Квалитет на звукот
Функции
Батерија
Претходна статија“ILLYCAFFÈ“ се стекна со “B Corp“ сертификација
Следна статијаNews and Interests во Windows 10 ќе им биде достапен на корисниците од 21H1 верзијата на оперативниот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-huawei-freebuds-4iHuawei FreeBuds 4i дефинитивно може да се каже дека немаат конкуренција во нивната ценовна категорија. Како што е карактеристично за оваа компанија, квалитетот на производот е секогаш една класа погоре од цената, па овие слушалки нема да го разочараат корисникот во никој случај. Одличен квалитет на звукот, супер издржливост на батеријата и квалитетна имплементација на функцијата за придушување на бучавата.