OnePlus пред една недела ни го покажа преку слики изгледот на новиот OnePlus 9 Pro, а денес како што беше најавено се одржа настанот за официјалното преставување на два нови телефони од серијата. Како што и би се очекувало, двата нови телефони се од високата класа, па ќе им конкурираат на најдобрите на пазарот.

Двата телефони се разликуваат во дел од карактеристиките, па соодветно имаат и различни цени. Главниот модел е секако OnePlus 9 Pro кој ќе му конкурира на Galaxy S21 Ultra, односно на iPhone 12 Pro Max.

Како што беше најавено и пред претставувањето на телефоните, главниот акцент е ставен на камерите кои се развиени во соработка со Hasselblad. Ова поставува големи очекувања за способноста на камерите кај двата модели, па ќе ги видиме и првите тестови за кратко време.

Што се однесува до карактеристиките на камерите тие се следните. OnePlus 9 доаѓа со три камери, односно главна камера со 48 мегапиксели и сензор Sony IMX689, ултра широка камера со 50 мегапиксели и сензор Sony IMX766, како и црно-бела камера со 2 мегапиксели.

Кај посилниот OnePlus 9 Pro камерите се со 48 мегапиксели кај главната камера и сензор Sony IMX789, ултра широка камера со 50 мегапиксели и сензор Sony IMX766, 2 мегапиксели кај црно-белата камера, како и уште една, телефото камера со 8 мегапиксели.

Камерите кај двата модели имаат и посебен режим развиен во соработка со Hasselblad, наречен Hasselblad Pro Mode со кој корисниците кои повеќе се разбираат во фотографија ќе имаат поголем избор на прилагодувањата при сликање.

OnePlus 9 доаѓа со 6,55 инчен екран со резолуција од 2.400 на 1.080 пиксели и 402 пиксели на инч. Екранот е изработен во AMOLED технологија и доаѓа со 120 херци стапка на освежување.

Посилниот OnePlus 9 Pro доаѓа со нешто поголем 6,7 инчен екран и поголема резолуција од 3.216 на 1.440 пиксели и 525 пиксели на инч. Овој модел исто така има стапка на освежување од 120 херци, но со LPTO што значи дека стапката автоматски може да се прилагодува зависно од содржината, од 1 до 120 херци.

Двата уреди работат на најновото од Qualcomm, Snapdragon 888 и избор од 8 и 12GB RAM, како и 128 и 256GB простор за податоци. Цената на телефоните почнува од 729 долари и оди до 1.069 долари за најсилната комбинација.

Официјалните страни од телефоните се следните:

OnePlus 9

OnePlus 9 Pro

Целиот настан на кој беа претставени овие телефони можете да го погледнете во продолжение.

Претходна статијаAndroid System WebView предизвика проблем со повеќе апликации на Android
Следна статијаФИТР и ИМЕ со нова соработка за комерцијализирање на дигитални решенија во земјоделскиот сектор
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.