Како што беше најавено, во текот на вчерашниот ден Microsoft ја пушти финалната верзија од нивниот нов Edge прелистувач. Во развој околу една година и достапен во тест, па бета верзии, финалната верзија сега е достапна за сите корисници, а постепено ќе ја замени моментално инсталираната верзија од Microsoft Edge која доаѓа со Windows 10.

Новиот Microsoft Edge сега е направен на основа на отворениот код од Chromium проектот кој е развиван од страна на Google, односно на чија основа е направен и Google Chrome, како и низа други прелистувачи како Opera, Brave и други.

Со приклучувањето на Microsoft на Chromium проектот, покрај тоа што сега од Edge може да се очекува истото искуство како на Google Chrome, овој проект ќе добие и придобивки од страна на Microsoft.

Замената на моменталната Microsoft Edge верзија на Windows 10 со новата ќе оди постепено преку Windows Update, по што истата ќе продолжи да се надградува независно од оперативниот систем.

Доколку не сакате да чекате прелистувачот да ви биде надграден од страна на Windows Update, тоа можете да го направите самите веднаш. Microsoft Edge е достапен за симнување на овој линк, а инсталацијата ќе ја замени старата верзија со новата.

Без разлика дали ќе ја инсталирате новата верзија сами или ќе чекате истата автоматски да биде инсталирана преку Windows Update, сите прилагодувања, омилени страни, лозинки и слично, ќе бидат префрлени на новата.

Главната новина кај Microsoft Edge сега е можноста за избор од три нивоа на блокирање на интернет тракерите, што значително ја зголемува приватноста при сурфање, како и можноста за инсталирање на сите достапни додатоци од Chrome Web Store.

Оваа верзија покрај за Windows 10 и другите Windows верзии, е достапна и за корисниците на macOS, а се најавува и пуштање на верзија за Linux во иднина.

Доколку веќе имате инталирано некои од тест верзиите од Microsoft Edge, тие ќе останат инсталирани независно од финалната која ќе ја замени старата верзија, односно верзијата која Microsoft сам ја развиваше и која доаѓа со Windows 10.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаКако да излеземе од „меурот“ на друштвените мрежи?
Следна статијаМарк Хамил го избриша својот Facebook поради непромената на ставовите на компанијата за политичките реклами
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.