Foursquare најави целосно нова верзија од својата апликација во Мај оваа година кога ја претставија Swarm, апликацијата наменета да го преземе чекирањето во местата од дотогаш главната апликација. Новата верзија од Foursquare беше најавено дека ќе биде редизајнирана од почеток и дека ќе биде наменета за откривање на места каде што можете да одите на локацијата каде што се наоѓате.
Пред две недели од компанијата ја претставија новата апликација и најавија дека истата ќе биде достапна за корисниците за неколку недели. При претставувањето беа прикажани новото лого, како и начинот на кој што апликацијата ќе работи. Почнувајќи од денес целосно новата Foursquare е достапна за корисниците на Android и iOS уредите и можете да ја симнете од продавниците за апликации.
Апликацијата го има новото лого кое што е направено да изгледа како знаменце на мапа со буквата F како негова форма. Исто така апликацијата користи целосно нови бои и многу малку може да се каже дека потсетува на старата, барем кога се работи за дизајнот.
Кога за првпат ќе ја вклучите Foursquare од вас ќе биде побарано, доколку сакате, да изберете од листата на интересни врз основа на кои што апликацијата ќе ви предлага места за одење. Главниот начин на функционирање на новата апликација е преку препораки, што е логично со оглед на фактот што од компанијата сакаат оваа апликација да стане главна кога се работи за откривање на нови места. Препораките за местата покрај од вашите интереси, се прават и врз основа на местата каде што се имате чекирано преку старата апликација, како и Swarm. Вашите интереси секогаш можете да ги ажурирате со цел да добивате подобри препораки на места.
Нова во оваа верзија од Foursquare е можноста за следење на луѓето без потреба од тие тоа да го одобрат како досега. Поради тоа што новата апликација не ја вклучува можноста за споделување на вашата локација, односно чекирање, дозволено е следењето на луѓе. Со следење на некого, добивате пристап до неговите мислења и совети за местата каде што оди. Исто така препораките за вашите места се прават и врз основа на луѓето кои што ги следите.
Доколку оставате совети и мислења за местата каде што одите, а луѓето ги лајкуваат, ќе бидете означени како експерт во таа област. Колку повеќе луѓето го лајкуваат или зачувуваат вашите совети, ќе се зголемува вашето ниво на експертиза. Тоа значи доколку оставате совети за некоја локална пекара и на луѓето им се допаѓаат вашите совети, ќе бидете означени како експерт во областа на пекари и луѓето ќе знаат дека можат да веруваат во вашите совети.
Една страна од начинот на работа на апликацијата може да биде проблематичен за одредени корисници кои што се загрижени за нивото на приватност во последните години. Апликацијата константно ја испраќа вашата локација до серверите на Foursquare за да може да ви испраќа препораки зависно од тоа каде се наоѓате. Тоа значи дека Foursquare ќе гради дата база од вашата локација и местата кои што ги посетувате. Се разбира следењето на локацијата во позадина можете да го исклучите преку менито за прилагодување, меѓутоа тогаш ќе се откажете од одредени функционалности кои што може да ги понуди тој начин на работа.
Foursquare можете да ја симнете преку следните линкови за Android и iOS. Апликацијата уште не е познато кога ќе биде достапна за корисниците на Windows Phone. Swam за Windows Phone е најавена за некоја од следните недели, па можно е да се очекува да бидат претставени и двете апликации, меѓутоа покрај за Swarm моментално нема информации за Foursquare.