При крајот на минатиот месец NASA ја објави веста дека тие успешно го имаат удрено своето летало со астероидот Dimorphos и со тоа го имаат направено првиот тест за одбраната на планетата од можни судири во иднина.

DART или Double Asteroid Redirection Test е мисијата која го лансира своето летало 11 месеци пред судирот со Dimorphos со надеж дека ќе успее да го промени неговото движење. Судирот е направен со брзина од 22.530 километри на час, што треба да е доволно да го забави движењето на астероидот и со тоа да му ја промени патеката на движење, односно неговата орбита.

Астероидот Dimorphos орбитира околу уште еден поголем астероид наречен Didymos, а и двата не претставуваат опасност за Земјата.

Од NASA сега потврдија дека после анализата на сите добиени податоци, можат да заклучат дека орбитата на Dimorphos е успешно променета. Промената е дури доста поголема од тоа што се сметало како минимум за прогласување на успех.

Поточно, на Dimorphos му биле потребни 11 часа и 55 минути за да ја направи својата орбита околу Didymos, а истата по ударот од страна на леталото е намалена на 11 часа и 23 минути. Тоа е намалување од 32 минути, што од NASA истакнуваат дека е 25 пати повеќе од тоа што тие би го сметале за успех.

Тимот од DART продолжува да собира информации од повеќе опсерватории на Земјата и ќе продолжи да го анализира ефектот на ударот со едно вакво небесно тело. Ова е првпат во историјата да биде направено вакво нешто, односно да се промени движењето на тело во вселената од страна на човекот.

Научниците од NASA сега ќе се насочат кон анализа на ефикасноста на пренесувањето на моментумот од леталото на својата цел, односно на астероидот. Оваа анализа вклучува и анализа на повеќето тони камен исфрлени во вселената од ударот, нешто што во голема мера влијаело на промената на движењето. Овој ефект може да се спореди, истакнуваат од NASA, со ефектот кој го има воздухот кој се испушта од балон и го насочува да се движи во спротивниот правец.

Оваа мисија докажува дека NASA се способни да ја одбранат Земјата од можни удари во иднина од одредени вселенски тела, нешто што дефинитивно остава ниво на сигурност за иднината на планетата.

ИЗВОРNASA
Претходна статијаRed Bull Campus Clutch е повторно во Македонија
Следна статијаSamsung го анализира сонот: Како се сменија нашите навики за спиење за време на пандемијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.