Фото: Motorola

Motorola официјално ја претстави нивната наредна генерација од легендарниот RAZR, телефон на преклоп, а како што кажуваа неофицијални информации, оваа година серијата има два модели. 

Двата нови телефони се наречени Motorola RAZR 40 и Motorola RAZR 40 Ultra, а во одредени региони, не и нашиот, истите ги носат имињата Motorola RAZR (2023) и RAZR+ (2023). 

Главното внимание го привлекува RAZR 40 Ultra моделот, секако, а како што беше неофицијално најавено, овој модел доаѓа со многу поголем надворешен екран за разлика од претходните модели. Сега надворешниот екран ја покрива целосно едната половина од уредот, па неговата функционалност сега прави да има поента неговото постоење. 

Покрај големината, 3,6 инчи, овој екран е направен во pOLED технологијата и доаѓа со 144 херци стапка на освежување. Ова е стапка која најчесто ја немаат ни стандардните телефони од највисоката класа, па кај нив 120 херци се смета за доволно. 

Внатрешниот екран е со големина од 6,9 инчи и има Full HD+ резолуција, а батеријата е со капацитет од 3.800 mAh. 

Софтверот повторно е посебно прилагоден за овој екран, но сега корисниците можат да ги вклучат скоро сите апликации без потреба од отворање на уредот. 

RAZR 40 Ultra работи на Snapdragon 8+ Gen 1, што не го става баш во највисоката класа, но би рекле дека е доволно блиску. Меморијата е со 8GB LPDDR5 RAM и 256GB UFS 3.1 за просторот за податоци. 

Не е само надворешниот екран тука како новина, па RAZR 40 Ultra доаѓа со подобрен механизам за преклоп кој му овозможува целосно спојување на екраните кога е преклопен, нешто што прави огромна разлика за корисничкото искуство. 

Главната камера кај RAZR 40 Ultra е со 12 мегапиксели и одлична f/1.5, како и ултра широка камера со 13 мегапиксели. Селфи камерата доаѓа со сензор од 32 мегапиксели. 

Заедно со овој модел, претставен беше и Motorola RAZR 40, кој е основниот модел и не доаѓа со големиот надворешен екран. Овој модел доаѓа со истиот внатрешен екран, новиот механизам за преклоп, но со нешто послабиот чип Snapdragon 7 Gen 1. 

Надворешниот екран е тука само за проверка на основни информации и е со големина од 1,5 инчи.

Овој модел добива и нешто помал и побавен простор за податоци, односно 128GB UFS 2.2, но поголема батерија со капацитет од 4.200 mAh. 

Камерата кај RAZR 40 е со сензор од 64 мегапиксели, како и ултра широка со 13 и 32 мегапиксели кај селфи камерата. 

Телефоните треба да се продаваат по цена од 1200 евра за RAZR 40 Ultra, додека за послабиот модел цената се’ уште не е официјално објавена. 

Претходна статијаSamsung и Dezeen организираат глобален конкурс за дизајн
Следна статијаBing Chat ќе може да се користи и од други прелистувачи
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.