iphone-1

Ние не ги очекуваме нашите мобилни услуги од добробитта на
производителот на мобилни телефони,
креаторот на
мобилни апликации, или пак безжичните провајдери,
туку од нивниот обзир кон личниот интерес.“
парафразиран Adam Smith од Elizabeth Jacobson

1993 година се роди IBM Simon на корпорацијата BellSouth, првиот телефон со „екран на допир“. 13 години подоцна, при крајот на 2006 година, дојде моментот кој смени се за „паметните телефони“ – се појави првиот iPhone, Apple Computer Inc. стана највисоко вреднуваната компанија во светот, а покојниот Steve Jobs се издигна како менаџерски гениј и идол на голем број денешни успешни менаџери на глобални hi-tech корпорации.

Но, покрај ова, со излегувањето на Ајфонот се иницираше многу поважен механизам – механизмот на глобалната пазарна економија. Интересот на граѓаните за првиот Ајфон (купени 1.12 милиони телефони само во првиот квартал од кога е во продажба, наспроти дотогаш вкупно купени само околу 700.000 „паметни телефони“) беше силен сигнал за другите технолошки компании каде лежи неверојатен потенцијал за профит. Следуваа сериозни инвестиции на голем број компании и глобалната конкуренција помеѓу Apple, Sony, Nokia, Samsung, HTC, Blackberry, Motorola, Huawei, Google, итн. го дава предвидениот резултат. Со оглед на тоа дека глобалниот пазар за мобилна телефонија (производители на мобилни + мобилни оператори), е релативно отворен и високо конкурентен, пазарниот натпревар се води за секој граѓанин на скоро секој дел од земјината топка. „Никнуваат“ нови компании, особено од Азија, кои гризат на пазарот во сегментот на евтини „паметни телефони“. Придобивките за обичниот потрошувач во квалитет и цена – како и што се очекува на релативно отворен пазар – се феноменални. Глобалните играчи буквално се натреваруваат по секој можен параметар за вниманието на пребирлиот потрошувач, почнувајќи од цената, па се до дизајнот, процесорската моќ, оперативниот систем, и „деталите“ како тежина, боја, големина на екран, итн.

Blog-NASA-700x325

Феноменалниот развој не е тоа што еден iPhone s5 има поголема пресметувачка моќ од компјутерот кој ги „вардел“ мисиите на астронаутите на „Аполо“, туку што истиот е достапен за секој на „Запад“ (и за секој македонец кој е спремен да плати 500 евра – во кеш или на рати, но на кој му се достапни уште многу други алтернативи со исти перфроманси по попривлечни цени)! Познатиот австриски економист и класичен либерал, Лудвиг фон Мизес, велел дека „капитализмот во суштина е систем на масовно производство за потребите на народот. Тој … овозможува пристап на милиони луѓе да уживаат во добрата кои пред една генерација беа на дофат само за малата избрана елита“ (The Anti-Capitalistic Mentality, стр. 49).

Имајте предвид дека во 1984 година немало ниту еден обичен мобилен. Денеска, на 7 милијарди луѓе имаме 6 милијарди претплати за мобилен телефон. Уште поинтересно е што во 2001 година развиениот Запад имаше 6 пати повеќе претплати од земјите во светот во развој, вклучувајќи ја тука и Македонија (ви текнува, кога имавме државен монопол во телекомуникациите, делевме „двојни линии“ со комшијата и плаќавме астрономски сметки!?). Веќе во 2011 година од вкупниот број на мобилни претлати, цели 73% се во земјите во развој (без разлика што пак на Запад имаат двојно повеќе мобилни по глава на жител).

Покрај сето ова, според анализата на Мајкл ДеГуста, „паметните телефони“ само за 4 години (2008-2012, период на најголемата економска рецесија во модерната историја по Големата депресија во 30-тите) влегуваат во 40% од домаќинствата во САД почнувајќи од бројка од само 5% американски домаќинства! На пример, за истата пенетрација на жичните телефони им беше потребно цели 45 години, а на обичните мобилни пак нешто над 7 години. Со ова „паметните телефони“ се еден од најбрзо прифатениот технолошки производ од народот, по телевизорот.

Каде е обичниот македонец во целата оваа приказна? Ние, за среќа, со фактот што имаме релативно отворени граници да тргуваме со светот, имаме пристап до сите „паметни телефони“ до кои има и пристап американецот, британецот и германецот.

И за ова треба да сме благодарни на две работи: глобалниот капитализам. Втората ќе ја зачувам за следниот текст.

Слика: iphonex.de, thedailycrate.com

Претходна статијаGoPro камера зачудувачки преживува и снима при лош старт на ракета
Следна статијаДа се испечати 3D база на Месечината – добра идеја според ESA