проф. д-р Иван Чорбев, декан

Неодамна се случи седмиот роденден на ФИНКИ. По тој повод разговаравме со деканот на факултетот, проф. д-р Иван Чорбев. Отворивме интересни теми: какви се досегашните искуства, што прави ФИНКИ за да ги задржи најдобрите дипломци, како напредува новиот објект и кои се идните планови. Прочитајте во прилог ?

1. Го прославивте 7-миот роденден на ФИНКИ. Какви се искуствата досега?

Искуствата се исклучително позитивни. ФИНКИ како посебен факултет во рамки на УКИМ за прв пат можеше да креира студиски програми дополнително специјализирани за информатика. ФИНКИ за прв пат беше во состојба да креира режим на студии и начин на работа соодветен и во чекор со динамичките трендови на информатиката. Експоненцијалниот прираст на бројот на заинтересирани кандидати за студирање на ФИНКИ како и лесното и брзо вработување на дипломците во македонски и познати светски компании е доказ дека позитивните искуства од ФИНКИ не се само субјективни, туку и објективно мерливи позитивни ефекти. Со сесрдниот ангажман на сите вработени, ФИНКИ набрзо се промовираше како успешен проект и се наметна како активен чинител во унапредување на информатиката сама по себе, но и на употребата на информатичките технологии во сите пори на живеењето во Македонија. Сето тоа во функција на дигитализација на македонското општество, а во насока на подобрување на сите општествени текови.

2. Голем дел од вашите солидни студенти по завршувањето на студиите избраа да одат во странство. На што се должи тоа и што прави факултетот за да ги задржи ваквите капацитети?

Фактот што нашите студенти лесно одат во странство, и уште повеќе што при тоа веднаш работат соодветно на својата професија е само потврда дека студиите и знаењата кои ФИНКИ ги нуди се добри. Миграцијата низ светот, особено во техничките полиња е нормална работа и вообичаено е што младите сакаат да истражуваат, да се соочуваат со нови предизвици и да се борат за повторно докажување во нова средина. Можеби не треба сизифовски да се бориме директно против миграцијата, туку да се навикнеме да живееме со неа. Дополнително треба да работиме да ја направиме Македонија подобро место за живеење во целина, со цел младите да имаат помалку други мотиви за иселување, а и Македонија да стане и интересна дестинација за доселување на амбициозни млади технички потковани колеги.

Конкретно ФИНКИ во минатата година вработи 4 асистенти-докторанди со цел да се подобри кадровскиот капацитет на факултетот и да се задржат 4 наши најдобри дипломци во факултетот и во државата. Дополнително ФИНКИ активно работи во внесување на претприемачките вештини во формалните студиски програми и во неформалните екстракурикуларни активности. Целта е нашите технички дипломци потковани со претприемачки вештини да бидат мотивирани да почнуваат и водат сопствени ИТ стартап бизниси во Македонија, наспроти да изберат опција да работат за плата за друг сопственик, во странство.

Не помалку важно, ФИНКИ во континуитет е ангажиран во комуникацијата со странски инвеститори од областа на ИКТ кои размислуваат да отворат свои филијали во Македонија. Знам од сведочењата на претставници на оние странски фирми кои отвориле оддел во Македонија дека комуникацијата со нас и анализата на профилот на нашите дипломци бил еден од одлучувачките фактори да се донесе одлука да започнат со работа тука, да вработат инженери тука и со тоа индиректно да го подигнат нивото на локалниот пазар на трудот и да се задржат некои наши дипломци во државата.

3. Се подготвува новата зграда која ФИНКИ конечно треба да ја добие после 7 години од своето постоење. Кога се планира официјалното отворање?

ФИНКИ формално не учествува во финансирање или управување со градбата, туку тоа го води Министерството за образование и најпрецизна информација за планираните рокови може да се добие од таму. Сепак, повремено одиме да го погледнеме прогресот на објектот со оглед дека со нетрпение очекуваме студентите да ни добијат подобри услови за студирање и севкупно подобра инфраструктура за научно-истражувачка и иновативна работа. Се надеваме дека планираните рокови ќе бидат запазени и студентите на ФИНКИ час поскоро ќе го добијат очекуваниот простор и ресурси.

Сепак, без разлика на планираната и очекувана преселба, ние како факултет во континуитет вложуваме во реновирање на простор, училници и лаборатории на сегашната локација, како и набавка на опрема, со цел да се извлече максимум од постојните објекти и да се одржи и подобри квалитетот на студиите. Во моментот е во тек набавка на нови 40 персонални компјутери за обновување на една лабораторија, минатата година се набавија 60 компјутери, беа реновирани 2 лаборатории, повеќе канцеларии, училници итн.

СП ФИНКИ

4. Какви се условите за развој на ИТ во Македонија? Колку можеме да го следиме примерот на Естонија, која има доста сличности со Македонија, а економски појака, бидејќи инвестираше во ИТ?

Условите за развој на ИТ во Македонија се добри. Имаме спремен професорски кадар кој може да изгради нови ИТ професионалци и континуирано да помага во нивно доживотно учење и усовршување. Има добра поврзаност со Интернет на фирмите и домаќинствата. Блискоста до eвропските земји не прави поволно место за соработка на ИТ проекти со фирми од таму.

Она што може да се подобри е секако дигитализацијата на општеството налик на Естонија, во смисла на воведување сеприсутни и сеопфатни квалитетни електронски владини сервиси, фаворизирање на електронската комерција, подигање на ИТ писменоста и општо техничката писменост, знаење и вештини генерално во општеството од најрана возраст низ сите образовни процеси итн. ФИНКИ е спремен како и досега да помага во планирањето и воведувањето на овие сервиси на национално и локално ниво.

5. Колкав е предизвикот да се биде декан на најпросперитетниот факултет во Македонија?

Предизвиците да се води некој факултет се бројни. Особено е предизвикувачки да се работи во информатиката каде новитетите и револуционерните промени во технологиите се кријат зад секој агол. ФИНКИ со својот обем на работа, со големиот број студенти, интензивната комуникација со ИКТ индустријата, проектите во кои сме ангажирани на национално и меѓународно ниво носи дополнителна комплексност на обврските и обем на оптоварувањето. Кога се добива доверба да се управува факултетот, се пренесува и голема одговорност за квалитет, развој и унапредување. Справување со сето тоа е можно само со тимски пристап, со споделување на работата и ангажманите, првенствено со потесната екипа во деканатот, со продеканите.

Понатаму ФИНКИ функционира тимски, па сите обврски се дистрибуираат низ колегите и секој успех на ФИНКИ е заеднички за целиот колектив кој несебично се вградува во изградбата на институцијата. На крајот, задоволствата да се биде дел од една успешна приказна и дел од еден успешен факултет далеку ги надминуваат потешкотиите со кои се соочуваме при работата.

6. Кои се идните планови?

ФИНКИ оваа година направи ревизија, рекаредитација и унапредување на студиските програми за прв и втор циклус на студии. Следниот упис оваа година ќе го направиме според новите програми. Освен законската обврска да се направи реакредитација, целта ни беше како и секогаш да се следи развојот на информатиката во светот. Следејќи ги препораките на светската асоцијација на информатичари – ACM, базирано на нашите досегашни искуства, капацитети и потреби, направивме реформа на студиските програми. Очекуваме новите студиски програми да продолжат да обезбедуваат квалитетно знаење кое се докажува во пракса со инстантно вработување на нашите студенти во индустријата или нивно лесно продолжување со научна работа кај нас или во познати светски универзитети.

Претходна статијаЗошто последната сцена на Avengers: Infinity War е всушност разочарувачка
Следна статијаДискусија: На што се’ се спремни тинејџерите за да добијат повеќе гледаност и лајкови?