Apple вчера го одржа нивниот есенски настан, оваа година малку порано од обично. Овој период од годината е кога се претставуваат нови iPhone верзии, па како што знаевме, Apple ги претстави новите iPhone 16 модели.
За разлика од Pro моделите, кои изгледаат идентично со ланските модели, основните iPhone 16 и iPhone 16 Plus добија мала промена кај изгледот. Оваа промена во главно може да се забележи на задната страна, односно кај поставеноста на двете камери и модулот на којшто се поставени.
Двете камери сега се поставени „една над друга“, а модулот е намален доволно колку за камерите, па iPhone 16 телефоните сега изгледаат нешто поразлично од Pro.
Кога на ова ќе се додаде изборот од пет различни бои, црна, бела, розова, цијал и нијанса на виолетова, iPhone 16 може да се каже дека изгледа доволно различно за ова време кога дизајнот на телефоните останува ист со години.
iPhone 16 телефоните го добиваат и ланското „Action“ копче, па корисниците ќе можат да бираат што ова копче прави, наместо да го имаат стариот „преклопник“ за исклучување на звуците.

Очекувано Apple како главна новина кај овие телефони ја презентира поддршката за Apple Intelligence иако овие нови функции ќе станат достапни дури идниот месец со надградбата на iOS 18.1. Дел од функциите ќе бидат постепено пуштани во текот на годината, како и дел од идната.
Apple Intelligence нема да биде достапна кај постарите модели, односно поддршката започнува со ланските Pro модели и новите кои беа претставени вчера.
Поддршката за Apple Intelligence кај iPhone 16 доаѓа во голем дел поради новиот чип кој Apple го вградува кај основните модели. За разлика од претходната година, сега и основните модели го добиваат најновиот чип, додека Pro моделите добиваат само мали предности со Pro верзија од чипот.

A18 доаѓа со 6 јадрен процесор, 2 за перформанси и 4 за заштеда на енергија, 16 јадрен NPU процесор, како и 5 јадрен графички процесор. Сето ова овозможува доста големо подобрување во споредба со ланскиот A16 Bionic.
A18 е направен на втората генерација од 3nm технологија на TSMC, па Apple истакнува дека ова е најбрзиот чип дури и во споредба со конкуренцијата. Корисниците добиваат 30% подобри перформанси во споредба со ланскиот модел, додека кај графичкиот процесор подобрувањето е 40% со 35% помала потрошувачка.
Корисниците на основните модели оваа година добиваат можност за играње на AAA игрите, нешто што беше достапно само кај iPhone 15 Pro моделите.
Секако, посебно се истакнува дупло подобрите перформанси кај NPU процесорот кој ќе игра голема улога во Apple Intelligence, а посебно за функциите кои ќе функционираат локално од уредот.

Како поголема новина која доаѓа кај iPhone 16 серијата е новото копче „Camera Control“. Ова копче се наоѓа на страната кај копчето за заклучување и овозможува дополнителни функции при сликање.
Покрај основната можност за сликање со притискање на ова копче, тоа што е посебно интересно е можноста да се притисне на него послабо и со тоа да се пристапи до неколку функции. Корисниците можат да притиснат послабо на копчето, па на пример да добијат пристап до зумирањето на сликата, а нивото се контролира со влечење на прстот низ копчето.
Оваа можност ќе можат да ја користат и другите апликации, па на корисниците да им овозможат уникатни функции од нивните апликации.
Со пуштањето на Apple Intelligence идниот месец, ова копче ќе може да се користи за да се најдат информации за работите преку камерата, односно ќе може да се насочи кон некој ресторан и да се добијат информации за него, како и можност да се насочи камерата кон постер и да се зачува во календарот датата од настанот. Во основа, може да се каже дека ова копче на корисниците ќе им донесе функција како Google Lens на iPhone корисниците.
Што се однесува до карактеристиките, iPhone 16 и iPhone 16 Plus ја задржуваат големината на екраните, односно 6,1 и 6,7 инчи. Како што се очекуваше овие модели и оваа година не добиваат стапка на освежување од 120 херци, а со тоа не ја добиваат ни Always On функцијата достапна кај доста поевтини Android модели уште одамна.
Од компанијата истакнуваат дека слојот за заштита на екранот овозможува 50% подобра заштита од ланските модели, но ќе видиме како екраните ќе се покажат кај реалните тестови од корисниците.

Батеријата како што се најавуваше неофицијално е поголема, па заедно со A18 чипот може да се очекува подобро издржување на телефоните во текот на денот.
Двете камери на задната страна се со 48 мегапиксели кај главната „Fusion“ камера која може да слика во 24 и 48 МП, како и ултра широката камера со 12 мегапиксели. Корисниците добиваат можност за зумирање до два пати, како и можност за сликање на објекти доста блиску до камерата.
Покрај новите камери, корисниците добиваат и нови можности за измена на боите и осветлување на сликите, можности кои се понапредни од досегашните. Како пример се истакнува можноста да се изменат карактеристиките на дел од сликата, наместо на целата слика како досега.
Цената на iPhone 16 серија останува иста, што е добро со оглед на покачувањето на цените кај дел од конкурентите.