На вчерашниот настан Apple ја претстави новата iPhone 16 серија, а како и секогаш за поголем број од корисниците Pro моделите се тие кои го привлекуваат вистинското внимание.
Очекувано, iPhone 16 Pro и iPhone 16 Pro Max изгледаат исто како и претходните години, но тоа не значи дека нема доволно новини кои би ги привлекле и корисниците на ланските модели.
Како главна новина за која пишувавме неколку пати, а поврзана со изгледот, е зголемувањето на димензиите на екранот кај двата модели. Сега iPhone 16 Pro доаѓа со 6,3 инчен екран, додека iPhone 16 Pro Max со 6,9 инчи. Со ова iPhone 16 Pro Max е најголемиот iPhone досега, а добро е што и двата модели не се многу поголеми благодарение на намалените рамките околу.
Стандардно Pro моделите, иако доста слични, доаѓаат со неколку предности со кои може да се оправда нивното име, како и повисоката цена, а секако една од тие е изработката од титаниум, наместо од алуминиум.
Како прва разлика од основните iPhone 16 модели, кои оваа година не доаѓаат со изразито послаб чип, iPhone 16 Pro моделите доаѓаат со A18 Pro чипот. Овој чип е направен на втората генерација од 3nm технологија, па повторно Apple го има можеби најдобриот чип на пазарот, посебно во комбинација со софтверот и оптимизацијата.
A18 Pro доаѓа со доста слични карактеристики со A18, очекувано, па и овој чип има 6 јадрен процесор со 2 јадра за перформанси и 4 за заштеда на енергија. Овој чип исто така доаѓа со 16 јадрен NPU процесор, односно процесор за работа со вештачката интелигенција, а се разликува кај графичкиот процесор кој има едно јадро повеќе, односно доаѓа со 6 јадра.
Тоа што го прави A18 Pro дополнително подобар од основниот модел е брзината со која се пренесуваат податоците помеѓу сите компоненти, па корисниците на овој чип сепак ќе имаат нешто подобри перформанси.
Apple и кај Pro моделите ја истакнува поновата технологија за батериите, па баш ме интересира што ќе покажат тестовите кај овие модели кои сега доаѓаат со батерии со нешто поголем капацитет во споредба со ланските модели.
iPhone 16 Pro моделите го добиваат новото копче за контрола на камерата. Ова копче се користи за вклучување на камерата и сликање, но неговата привлечност доаѓа со можноста за проценка на јачината на притискање. Со послабо притискање корисниците наместо да сликаат, добиваат можност за измена на одредени функции, па тие на пример можат да го променат зумот на сликата со повлекување преку копчето.
Доколку на копчето се притисне два пати послабо се вклучува мени, односно листа со неколку од функциите кои можат да се менуваат преку ова копче.
Дефинитивно корисен додаток кој иако не донесува некои револуционерни новини, ќе го направи сликање со iPhone доста подобро, а и ова е нешто што не е достапно кај Android конкурентите, исто така нешто што во денешно време поретко го заклучуваме.
Со пуштањето на Apple Intelligence идниот месец, корисниците ќе можат да го користат ова копче за идентификување на околината со камерата, како на пример насочувањето кон некој ресторан ќе може да ги прикаже информациите за него и слично.
iPhone 16 Pro моделите доаѓаат со три камери на задната страна, а истите ги вклучуваат главната Fusion камера со 48 мегапиксели, камерата за зумирање со 12 мегапиксели и ултра широката камера со 48 мегапиксели.
Оваа година Pro моделите ја добиваат можноста за снимање на забавени видеа со 120 fps во повисока 4К резолуција и Dolby Vision. Кај овие модели тука е и можноста за снимање во ProRes, нешто што им прави разлика не тие кои снимаат за нешто повеќе од обична објава на друштвените мрежи.
iPhone 16 Pro исто така ги добиваат новите ефекти за сликите, односно Photographic Modes, па корисниците ќе имаат нешто повеќе можности за измена на сликите по сликањето.
Боите во кои доаѓаат iPhone 16 Pro телефоните се четири, односно црн титаниум, природен титаниум, бел титаниум и пустински титаниум, односно ова е новата боја која се најавуваше како златна.
Цените и кај Pro моделите остануваат исти како минатата година, па затоа што се работи за доста скапи телефони, добро е што корисниците нема да треба да дадат уште повеќе.