Европската Комисија денеска излезе со соопштение во кое ја објави својата одлука да го казни Google со рекордни досега 4,34 милијарди евра, односно 5 милијарди долари, поради, како што тие истакнуваат, прекршување на антимонополските правила на Унијата.

Во соопштението тие истакнуваат дека Google од 2011 година наметнува нелегални рестрикции на производителите на Android уреди, како и на мобилните оператори со цел да ја зацементира својата позиција во интернет пребарувањето.

Тие му даваат на Google 90 дена рок да престане со овој начин на работа, а во спротивно ќе се соочи со пенали кои би биле до 5% од приходите на главната компанија Alphabet.

Комисијата истакнува три клучни практики кои Google ги користи, а се проблематични според нив, а тие се следните:

  • Google бара од производителите да ја пред-инсталираат Google Search апликацијата, како и Google Chrome, како услов за лиценцирање на продавницата за апликации, Play Store.
  • Google има плаќано на одредени големи производители, како и мобилни оператори доколку тие ексклузивно ја имаат пред-инсталирано Google Search апликацијата на нивните уреди
  • Google ги спречува производителите кои сакаат да ги пред-инсталираат Google апликациите, односно Play Store продавницата, да продаваат уреди со некоја од алтернативните верзии од Android

За појаснување, иако Android е оперативен систем со отворен код, па секој којшто сака и знае како, може да го промени и прилагоди, а исто така е и бесплатен, користењето на Google апликациите, во кои спаѓа и Play Store, подлежат на лиценцирање од страна на Google. Тоа значи дека секој може да пушти своја верзија од Android, меѓутоа ако сака да ги вклучи и Google апликациите, тоа мора да го плати.

Во овој дел на договарањето, Европската Комисија истакнува дека Google ги прекршува правилата. Како што е истакнато погоре во точките, Google можеби наплатува лиценца за нивните апликации, меѓутоа тие дополнително поставуваат услови за да воопшто се сложи да ја издаде лиценцата.

Истрагата на Европската Комисија е започната поради жалби од конкуренти кои сметаат дека не се во можност подобро да дојдат до пазарен удел поради поставеноста на Google апликациите.

Од Google секако најавија дека тие придонесуваат до поголем избор и иновација, па ќе поднесат жалба на оваа одлука. Исто така, тие истакнаа дека со ваквата одлука од Комисијата, се доведува во прашање бесплатниот бизнис модел на Android.

ИЗВОРЕвропска Комисија
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаСлика за медиумите го прикажува официјалниот изглед на Galaxy Note 9
Следна статијаXiaomi го претстави огромниот Mi Max 3 со 6,9 инчен екран и соодветно голема батерија со 5.500 mAh
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.