Фото: Shutterstock.com

Во текот на вчерашниот ден, поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, излезе на прес конференција на која најави дека покренува тужба против Facebook, Twitter и Google, како и нивните директори Марк Закерберг, Џек Дорси и Сундар Пичаи.

Тужбата е поднесена со поддршка од страна на America First Policy Institute и е поднесена во суд во државата Флорида. Се работи за групна тужба во која Трамп е главниот носител.

Поднесени се посебни тужби за секоја од компаниите, а сите се обвинуваат за нарушување на правото на слобода на говор, односно првиот амандман од американскиот устав. Покрај тоа, се бара прогласување за неуставен делот од законот за пристојност на комуникациите, поточно познатиот Section 230.

Section 230 ги штити друштвените мрежи од одговорност за содржината која е објавена на нивните мрежи. Овој дел од законот Трамп го критикува уште додека беше претседател и покрена постапка за негова проверка. Тој тврди дека доколку друштвените мрежи си дозволуваат да ја модерираат сопствената содржина, нема потреба од заштитата од одговорност од тоа што објавено.

Според информациите, мали се шансите дека тужбите на Трамп ќе поминат во судовите. Првиот амандман во САД ја штити слободата на говор од цензура од страна на властите, па се смета дека приватните компании имаат право да одлучат која содржина ќе биде објавена на нивните мрежи, без разлика што се заштитени од одговорност.

Причината поради која Трамп ги тужи овие компании и нивните директори е позната. Неговите сметки на Facebook, Twitter и YouTube беа суспендирани и избришани по насилните случувања во јануари пред Конгресот на САД за време на верификувањето на изборните резултати.

Тој веќе нема пристап до друштвените мрежи, а со тоа и нема јавна комуникација и место за изразување со неговите поддржувачи. Минатата недела започна со работа нова друштвена мрежа, слична на Twitter според начинот на функционирање, за која се верува дека може да биде ново место каде ќе се префрлат поддржувачите на претседателот.

Прес конференцијата на Трамп и неговото објаснување за тужбите, можете да ја погледнете во продолжение.

ИЗВОРZDNet
ИЗВОР 2Cnet
Претходна статијаРеновирана и модернизирана бензинската станица на Макпетрол на влезот во градот Неготино
Следна статијаNEC најави нови 5G масивни MIMO радио уреди за Open RAN
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.