Project Precog од Asus ја доби својата официјална верзија која беше претставена на Computex 2019. Овој концепт за лаптоп сега ја има својата официјална форма и може слободно да се каже дека ова е еден од најинтересните и најдобри понуди на пазарот.

Asus ZenBook Pro Duo е лаптоп компјутер којшто во внатрешноста ги има сите компоненти кои би се очекувале од еден уред од највисоката класа, односно од уред кој може да се користи за гејминг и работа со видео материјал.

Корисниците ќе можат да изберат од деветтата генерација на Intel Core i7 и i9 процесори од H серијата, како и до 32 GB RAM меморија и до 1 TB простор за податоци на SSD диск. Овој лаптоп исто така ќе дојде и со Nvidia RTX 2060, со што може да се заклучи веднаш какви перформанси и работа може да се очекува од уредот.

Од останатите карактеристики, се истакнува и вградувањето на најновата, побрза и постабилна верзија на Wi-Fi, односно Wi-Fi 6.

Сепак, главната карактеристика на Asus ZenBook Pro Duo се неговите два екрани. Првиот и на стандардно место поставен, е 15 инчниот екран којшто доаѓа со 4К резолуција и ретко за лаптоп компјутерите е направен во OLED технологијата. Тоа веднаш покажува каков квалитет на сликата може да се очекува при гледање на филмови.

Покрај овој екран, ZenBook Pro Duo има и уште еден екран којшто е поставен на долниот, односно другиот дел од лаптопот, каде што е поставена тастатурата. Наречен ScreenPad Plus, овој екран доаѓа со исто така 4К резолуција, но е направен во IPS технологија. Тој ја има истата ширина како главниот екран, но висината му е дупло помала, односно зафаќа само половина од долниот дел од лаптопот, а остатокот е оставен за тастатурата.

Овој екран доаѓа со посебен софтвер од Asus со што може да се користи како алатка за одредени апликации, за стартување на апликации и слично, а го споредуваат со Touch Bar од Apple, но многу поголем и покорисен.

Покрај како алатка, овој екран може да се користи и како втор екран во Windows 10, но и како продолжен екран. Тоа значи дека може да се отвораат различни апликации кои ќе бидат поставени на екранот, а може да се користи и да продолжи на него содржината од главниот екран.

Можностите се многу, а посебно кога апликациите ќе почнат да го искористуваат како посебна можност овој екран, а секако за тоа да почне да се случува ќе биде потребна популарност кај корисниците.

Видеото во продолжение ги прикажува сите можности кои се достапни, но и замислени кај ScreenPad Plus, па можете да добиете добра претстава за што се работи.

Покрај овој модел, Asus претстави уште еден „послаб“ којшто исто така има два екрани, меѓутоа немаат 4К резолуција, нема OLED технологија, а исто така не може да се избере i9 процесорот и Nvidia графичката. Овој модел го носи сличното име, ZenBook Duo.

Цената на двата модели уште не е позната, како и точното време кога може да се очекуваат на пазарот, па се очекува некаде до крајот на годината кога ќе може да се добијат и дополнителни детали.

ИЗВОРGizmodo
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаПо четири години Apple неочекувано претстави нова генерација од iPod Touch
Следна статијаUber ќе почне да исклучува патници од апликацијата кои имаат потпросечна оценка
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.