Shutterstock.com

Оценката на возачите од страна на патниците е една од основните предности и суштината на Uber како систем за превоз. Патниците можат да бидат сигурни дека ќе се возат во добар и чист автомобил, како и дека возачот е културен и вози добро, врз основа на оставените оценки и коментари на останатите, па не ретко и илјадници патници.

Uber дури има правило дека ако возач има пониска оценка од 4,6, а истото варира од град до град, тој ќе биде исклучен од апликацијата и веќе нема да може да превезува патници, барем не преку Uber.

Ова правило ќе почне да важи и за патниците, односно и тие ќе може да бидат исклучени од апликацијата доколку имаат пониска оценка, со тоа што не се истакнува колку пониска.

Патниците можат да добијат послаба оценка доколку се некултурни со возачот, оставаат ѓубре во автомобилот, бараат од него да вози побрзо од дозволеното и слично.

„Почитта е двонасочна улица, а исто така е и одговорноста. Од возачите веќе долго време се очекува да постигнат минимална граница на оценка која може да варира од град до град. Иако ние очекуваме само мал број на патници да бидат погодени од исклучувањето поради оценка, тоа сепак е правата работа која треба да се направи.“ – истакнуваат од Uber.

Патниците сепак нема веднаш да бидат исклучени. На нив ќе им биде дадена шанса да ја подобрат својата оценка, а за тоа ќе добијат и совети како може да го направат истото.

„Патниците може да го изгубат пристапот до Uber доколку имаат значително потпросечна оценка. Патниците ќе добиваат совети за тоа како да ја подобрат својата оценка, како што е охрабрување на љубезно однесување, избегнување да се остава ѓубре во возилото и избегнување на барања до возачите да ја надминат дозволената брзина. Патниците ќе имаат неколку можности да ја подобрат својата оценка пред да го изгубат пристапот до Uber апликацијата.“ – истакнуваат од Uber.

Оваа одлука на Uber има доста логика. Иако патниците се тие кои се „главните“, сепак не толку мал број од нив знаат да се однесуваат проблематично, а тоа им претставува проблем на возачите. Одговорноста, како што истакнуваат од Uber, не е тука само за возачите, па и патниците ќе треба да почнат да внимаваат како се однесуваат.

ИЗВОРUber
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаAsus го претстави досега најинтересниот лаптоп компјутер со два 4К екрани и карактеристики од највисоката класа
Следна статијаHuawei ги повикува САД да го сменат својот пристап кон справувањето со сајбер-безбедносните прашања
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.