Apple на денешниот настан претстави повеќе производи, но слободно може да се каже дека било кој настан на кој се претставуваат нови iPhone модели, тие ќе бидат главните кои ќе го привлечат вниманието на корисниците.

Исто како и минатата година, Apple претстави четири нови модели, односно iPhone 13 mini, iPhone 13, како и про моделите, iPhone 13 Pro и iPhone 13 Pro Max.

Новите iPhone 13 и iPhone 13 mini доаѓаат со делумно изменет дизајн од ланските, а тоа најмногу може да се забележи кај камерите на задната страна. Интересно е што од Apple посебно внимание посветија на поставеноста на камерите во дијагонала, наместо една под друга, но тие тоа го сметаат како важен редизајн.

Една од поважните новини кои навистина прават разлика е помалата димензија на исечокот на екранот, а корисниците на мини моделот најмногу ќе ја забележат разликата од оваа промена. Од Apple истакнаа дека го имаат редизајнирано Face ID системот да може да го собере во помал простор, па соодветно е намален и исечокот.

Исто како и минатата година, iPhone 13 доаѓа со 6,1 инчен екран со резолуција од 2532 на 1170 пиксели, со што се добива нивна густина од 460 пиксели на чин. Екранот е направен во OLED технологија, односно како што ја нарекуваат од компанијата, Super Retina XDR екран.

iPhone 13 mini доаѓа со 5,4 инчен екран и резолуција од 2340 на 1080 пиксели, со што се добива нивна густина од 476 пиксели на инч. Овој екран исто така е направен во OLED технологија.

Од Apple посебно внимание посветија на новите камери кои оваа година добиваат технологија за стабилизација на сликата од ланскиот iPhone 12 Pro Max моделот. Исто така, новите камери имаат поголем сензор, поточно кај стандардната камера, а тој изнесува 1,7 микрометри. Ова секако ќе се забележи во квалитетот на сликите во темни услови, а од Apple дадоа доста примери за овој режим на сликање.

iPhone 13 моделите добиваат и нов Cinematic режим на снимање на видео кој на настанот беше презентиран со кратко видео во кое можеше да се види одличната способност на камерата да го менува фокусот зависно од објектот или личноста во преден план. Уште поинтересно беше менувањето на фокусот кога личноста во преден план се врти на друга страна, односно веќе не гледа во камерата.

Новите модели работат на понов чип од Apple, кои се познати по своите перформанси и оптимизација со софтверот. A15 Bionic донесува процесор со 6 јадра, 2 за повисоки перформанси и 4 за заштеда на енергија.

Од Apple истакнуваат дека овој чип е за 50% побрз од конкуренцијата, додека графичкиот процесор е 30% побрз од конкурентните чипови.

iPhone 13 и iPhone 13 mini доаѓа во 5 бои, односно розова, сина, „полноќ“, „ѕвездена светлина“ и познатата (PRODUCT)RED.

Слободно може да се каже дека Apple има одлично освежување на ланските модели со доволно промени за да се оправда новата верзија во името. Додадени беа очекувани новини кои обично излегуваат неофицијално, па немаше некое поголеми изненадувања.

ИЗВОРApple
Претходна статијаПлатформата Разговор.мк овозможи бесплатна консултација со психолозите пред избор на еден од нив
Следна статијаСо новите iPhone 13 Pro и iPhone 13 Pro Max Apple конечно ја донесе стапката на освежување од 120 херци кај iPhone
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.