Ако го паметите Сноуден, ќе знаете зошто е еден од најбараните луѓе на светот.

За тие што не го знаат, кратко резиме: Едвард Сноуден е поранешен вработен во разузнавачката служба на САД – НСА. Откако открива на какви начини НСА ги злоупотребуваат своите моќи за да шпионираат обични граѓани и странски политичари, тој си заминува од НСА и од земјата.

Но, тој не го прави само тоа. Во видео интервју со новинарот на Гардијан, Глен Гринвалд, тој открива детали за тоа како НСА ги врши овие работи. Имиња, документи, вмешани политичари, тој открива се. Нормално, после тоа интервју тој не може да се врати дома, бидејќи веројатно го чека доживотна казна затвор (или неколку такви казни). Во моментов тој е политички азилант и живее во Русија, далеку од канџите на американската влада. Но, по апсењето на Џулијан Асанж, се покажа дека никој не е безбеден.

После неколку години живот во бегство, Сноуден одлучува да напише мемоар (под наслов Permanent Record). Уште не сум ја прочитал неговата книга, но ако вреди да се прочита некоја автобиографија периодов, тоа е неговата (стигна и на прво место на листата на бестселери на Амазон).

Очигледно неговата книга погодила некој нерв, па американската влада се заканува со бизарна тужба. Тие велат дека Сноуден требало прво да им ја испрати книгата за „рецензија“ пред да биде објавена. Наводно, таа обврска ја имаат сите поранешни вработени во разузнавачките служби на САД, пред да објават свое авторско книжевно дело.

Но, намерите се веројатно подлабоки. Сноуден има многу работи да каже што потенцијално можат да го нарушат меѓународниот имиџ и репутација на САД. Од тие причини, тужбата веројатно не е обид за да се испочитува обврската која ја имаат поранешните нивни разузнавачи. Таа е и алатка преку која ќе се спречи ширењето на пораките на Сноуден.

САД велат дека Сноуден треба да биде спречен да профитира од продажбата на неговата книга. Но, целата оваа фама ќе помогне да се зголеми нејзината популарност и да биде читана од што поголем број луѓе (така ја открив и јас).

Претходна статијаSamsung го прославува својот 50ти роденден
Следна статијаПрепорака за стенд-ап: Sticks & Stones од Дејв Шапел