За разлика од првата епизода, втората (Smithereens) има малку пофокусирана приказна. Го следиме главниот лик (Крис), таксист (или возач во компанија налик УБЕР). Тој постојано чека патници пред зградата на Smithereen, за која дознаваме дека е седиште во Лондон на една од најголемите социјални мрежи (нешто како Фејсбук или Твитер).

Тој конечно начекува патник кој работи во оваа компанија. Младо момче, за кој тој претпоставува дека има некоја извршна функција во компанијата. Наместо на посакуваната дестинација, го носи момчето на некој страничен пат, каде што вади пиштол и се заканува дека ќе го убие ако овој не го поврзе со неговиот шеф (Били Бауер, ЦЕО на Smithereen).

Но, на негово изненадување, момчето воопшто нема висока функција во фирмата. Тој е само стажант кој работи таму неполни седум дена.

Збунет, Крис не знае што да прави со својот патник, па почнува да го набедува да го поврзе некако со главниот човек на компанијата, преку неговите директни претпоставени во Лондон.

По пат, нив ги забележуваат двајца полицајци кои ги следат и евентуално целата ситуација се претвора во заложничко сценарио. Крис и неговиот заложник се наоѓаат во кола среде ливада покрај спореден пат, опкружени со полициски возила и специјалци кои ја чекаат своја шанса.

После повеќе напори да се стапи во контакт со Бауер (кој се наоѓа на тивок десетдневен ритрит – без никаква технологија), Крис конечно ја добива својата шанса. Тој му ја раскажува својата приказна на Бауер – како е одговорен за смртта на неговата вереница. Како, додека возел накај дома со неговата девојка заспана на совозачкото седиште, добил нотификација од социјалната мрежа, погледнал во мобилниот и тоа било доволно да не го примети возилото пред него. Сударот е фатален за неговата девојка како и за возачот на другото возило. Само Крис преживува. И сега тој е измачуван од својата грижа на совест и омразата кон Smithereen.

Пресуда

Пораката дека социјалните мрежи се погубни за нашето внимание и фокус е веќе видена. Наместо возбудлива приказна, оваа епизода повеќе ми наликува на кампања за бришење на профилите на социјални мрежи. Но и покрај тоа, зошто смартфоните се одеднаш најголемата закана за безбедноста во сообраќајот?

Некој треба да го вклучи тој мобилен телефон. Социјалните мрежи и апликациите се дизајнирани да го крадат нашето внимание. Но, ние сме тие што одлучуваме да зјапаме во нашите телефони наместо да гледаме на патот. Ако не се телефоните, нешто друго ќе ни го земе вниманието.

Епизодата гради тензија која се чини дека се движи во интересна насока. Човек со мисија – да разговара со ЦЕО-то на најголемата социјална мрежа. Добар рецепт за твист ендинг. Наместо тоа, епизодата завршува предвидливо без многу изненадувања. Крис ја добива својата исповед. Били Бауер признава дека не може веќе ништо да стори за да ја намали зависноста која корисниците ја имаат за користење на социјалната мрежа. Споредбата со Фејсбук и начинот на кој можат да дојдат до нашите приватни податоци е премногу очигледна.

Како и првата епизода, интересен концепт, но досадна егзекуција.

Оценка: 6/10

Оставете коментар