Токму со тоа се занимава документарецот во шест дела – Wild Wild Country (Нетфликс).

Само еден обичен ден во Раџнишпурам

Серијалот се фокусира на следбениците на сега веќе легендарниот духовен учител Bhagwan Shree Rajneesh (попознат како Ошо), кои од Индија се населуваат во мало градче во Орегон, САД. Тие таму купуваат огромен имот и практично од темел градат своја населба наречена по нивниот учител – Раџнишпурам (Rajneeshpuram).

Во првата епизода документарецот се фокусира на следбеништвото кое Ошо го има создадено во Индија во тогашниот негов ашрам. Соочен со големи притисоци од индиските власти поради неговите неконвенционални идеи и предавања, Ошо одлучува да го пресели својот ашрам во САД. Она што следи е приказ на една од потемните точки во америчката историја.

Со секоја наредна сцена се прикажани случки кои изгледаат неверојатни и наликуваат на нешто што излегло од фиктивен расказ. Откако Санјасините (како што се нарекуваат следбениците на Ошо) се вселуваат во својот нов дом во Орегон, почнуваат проблемите со локалното население, кое дотогаш било навикнато на тивок и мирен живот.

Нешто што не би очекувале да го слушнете од духовник

Локалците се трудат на секаков начин да ги избркаат новодојденците. Но, Санјасините тврдоглаво и со сите сили се обидуваат да останат таму каде што се. Во една сцена гледаме дека хотелот во кој многу од нив се сместени е подложен на бомбашки напад. Лудило! Набргу потоа, комуната се наоружува со пушки и пиштоли, а Ошо не се движи никаде без вооружено обезбедување.

Среде сево ова се наоѓа портпаролката на Ошо, Шила. Од гласноговорник на комуната и глас на разумот, таа се претвора во mastermind кој стои зад секоја глупост која ја прават Санјасините. Од носење на бездомници да живеат во комуната (со цел да добијат повеќе гласови на изборите за членови на локалниот совет), масовно прислушкување, труење на локалното население, дури и обид за убиство, не можете да не ги ококорите очите од она што го гледате на екранот.

Треба да се напомене дека многу од пораките на Ошо се достојни за применување и до ден денес. Тој се залагал за духовност, свесност, медитација и љубов. Ошо често ја критикувал и бил против организираната религија.

Меѓутоа, тој на некој начин дозволил создавање на „религија“ на чие чело се наоѓал токму тој. Низ сиве овие настани тој останал нем и не се обидел да го спречи (моралното и структурното) распаѓањето на својата комуна. Постојат повеќе теории зошто тоа било така (некои велат дека цело време бил под влијание на опојни дроги, други дека бил контролиран од блиски соработници).

Во секој случај, Wild Wild Country е нешто што мора да го гледате.

Претходна статијаNotepad во Windows 10 добива одамна потребни новини, а истите може да се видат во најновата Insider верзија
Следна статијаПросечната брзина на интернет пристапот во светот е зголемена за 23% од лани – Македонија е на 68 место