Локација: Креативни дистрикт – Нови Сад, Гвождара локал 1.

Автори на програмската линија Collab commons: Филип Јовановски, Сашка Пештерац, Лара Бадурина

Организатори: Катедрата за уметност и дизајн на Факултетот за технички науки во Нови Сад

Поддршка: Фондација „Нови Сад – Европска престолнина на културата“

Вечерва во Нови Сад, во рамки на програмата на биеналето за сценски дизајн, премиерно ќе биде изведен колаборативниот проект „Штампање заеднички простор“.

„Штампање заеднички простор“ е просторно изведувачки проект, кој е резултат на едногодишно заедничко истражување на модернистички згради во три различни градови (Скопје, Нови Сад, Риека) заедно со студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје (ФДУ),  Архитектонски факултет – Скопје, Отсекот за уметност и дизајн на техничкиот факултет во Нови Сад и академијата за применета уметност од Риека, во партнерство со Факултет за работи што не се учат – Скопје.  

Авторскиот концепт на „Штампање заеднички простор“ е развиен од страна на Филип Јовановски (визуелен уметник), Сашка Пештерац (архитектка, Нови Сад), Лара Бадурина (визуелна уметница, Риека) и Луна Шаломон (дизајнерка на простор, изведувачка, Нови Сад).

Во изведбата и реализацијата учествуваат студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје: Дениз Ајдаревиќ (актерска игра) и Мартина Петреска (продукција), студентите од Архитектонскиот факултет во Скопје: Тамара Џерков, Димитар Милев, Стефан Танков и  Деница Стојкоска од ликовната академија и студентите од Риека и Нови Сад.

Проектот е дел од COLLAB, програмска линија на Биеналето за сценски дизајн, во чии рамки се продуцираат нови содржини во соработка со други колективи и институции. Биеналето за сценски дизајн 2022 е дел од „Калеидоскопот на културата“ и годишната програма на Нови Сад како европска престолнина на културата.

Студентите од академиите вклучени во проектот истражуваа три објекти на модернистичката архитектура во нивните градови:  ХКД – Хрватски културен центар (поранешен Народен дом на Сушак) во Риека, напуштената месна заедница во Скопје, Тафталиџе,  „Домче“ и зградата на Печатницата „Дневник“ во Нови Сад (која наскоро ќе исчезне). Преку нивното денешно читање овие објекти се препознаваа како модернистичко наследство кое го чува духот на заедничкото, колективно доживување на југословенската идеја.

Сите три објекти се создадени во период кога идеологијата на општеството се рефлектираше во одразот на одреден систем на вредности, со фокус на заштитата и односот кон јавното добро и јавните простори. Иако сè уште постојат во физичка форма, утилитарната функција на сите три објекти живее на различни начини во различни градови, или воопшто ја нема.

Во контекст на овогодинешното биенале, темата флуидни сцени – пејзажи на осаменоста, е рефлектирана во овој проект низ призмата на моменталната состојба на архитектурата на модернистичкото наследство. Односно трајноста и промените на овие простори предизвикани од сложениот систем на просторно-временски односи.

COLLAB COMMONS

Процесот на работа на проектот, претставува воспоставување дијалог со дадените простори и дискурсот на создавањето на објектите, како и контекстот во кој тие (не) функционираат или (не) постојат денес. Затоа идејата за овој работен процес беше ново преиспитување на идејата за колективот, за јавното добро и заедничкото користење на јавните простори, но и преиспитување на заштитата на културното наследство на југословенскиот модернизам денес. Во овој контекст, оваа програмска целина и соработка помеѓу три институции се нарекува Collab commons, што се однесува пред сè на значењето на поимот – заедничко добро, што се однесува на простори кои припаѓаат на секого и формираат заеднички просторен ресурс, односно колективен културен конструкт. Составена од нејзините корисници и за нејзините корисници.

Во овој контекст, задача на студентите беше прво да го истражат сопственото наследство, а потоа да пристапат кон детално „читање“ на доделените објекти, како и да собираат архивски материјал и лични приказни на корисниците на тие простори. Учесниците ќе го презентираат спроведеното истражување преку приказни базирани на историски факти и настани, понекогаш и меѓусебно поврзани, што во крајниот исход и дава можност на публиката за различни толкувања и читање на значењето на приказната за објектот поединечно, но и во контекстот на заедничкото читање на овие простори.

Претходна статијаНајновите карактеристики на телефоните Galaxy Z Fold 4 и Z Flip 4 и серијата часовници Watch5 ќе бидат достапни и за претходните генерации уреди
Следна статијаQualcomm ги претстави Snapdragon 6 Gen 1 и Snapdragon 4 Gen 1 чиповите за доста подобри перформанси во средната и ниската класа