Qualcomm минатата година најави дека го менува начинот на којшто ќе функционира брендирањето на нивните производи, со издвојување на Snapdragon повеќе да се користи и поедноставување на именување на чиповите од различните класи. Сега повеќето корисници полесно би требало да знаат за каков чип се работи, без да треба многу да истражуваат.

Првиот чип кој беше претставен со новиот начин на именување беше Snapdragon 8 Gen 1, по што следуваат и Snapdragon 8+ Gen 1 и Snapdragon 7 Gen 1.

Сега на ред се средната и пониската класа на чипови, па Qualcomm ги претстави Snapdragon 6 Gen 1 за уредите од средната класа, како и Snapdragon 4 Gen 1 за уредите од пониската класа.

Овие чипови не го добиваат само новиот стил на именување, па корисниците кои ќе купат уреди со некој од овие чипови, може да очекуваат и доволно големо подобрување на перформансите. Уредите со овие чипови се најавуваат за првата четвртина од идната година за Snapdragon 6, односно наскоро за Snapdragon 4.

Од Qualcomm истакнуваат дека подобрувањата кај Snapdragon 6 Gen 1 во споредба со ланскиот Snapdragon 695 се 40% кај процесорот и 35% кај графичкиот процесор. Ова се одлични подобрувања, па средната класа ќе треба нешто посериозно да се сфати идната година.

Snapdragon 6 Gen 1 доаѓа со седната генерација од Qualcomm AI Engine, а тука е и поддршката за 5G со Snapdragon X62 модемот.

Се работи за 4nm чип со осум јадрен процесор со Kryo јадра кои функционираат до 2.2GHz, како и Adreno графички процесор, но од Qualcomm не даваат информација во овој момент за кој точно се работи. Како и да е, графичкиот процесор има доволно големо подобрување од минатата година и овозможува HDR играње на игри, има поддршка за H.256 и VP9, како и поддршка за до 12GB LPDDR5 RAM и UFS 3.1 уред за податоци.

Snapdragon 4 Gen 1 сепак ги нема одличните перформанси од Snapdragon 6, но тоа и не се очекува од чип од ниската класа. Подобрувањата во споредба со ланскиот Snapdragon 480+ се 15% кај процесорот и 10% кај графичкиот процесор.

Во овој случај се работи за чип изработен во 6nm архитектура, Kryo јадра кои можат да работат до 2GHz, како и Adreno графички процесор. Поддршката кај Snapdragon 4 Gen 1 е за UFS 2.2, а исто така доаѓа со послаба верзија од AI Engine, но тоа не значи дека нема подобрувања од минатата година.

Двата чипови имаат подобрена поддршка за сликање, а истата е доста подобра се разбира кај Snapdragon 6 Gen 1 кој со подобриот AI Engine може да овозможи доста подобри слики.

ИЗВОРXDA Developers
ИЗВОР 2Qualcomm
Претходна статијаПремиерна изведба на „Штампање заеднички простор“ во Нови Сад
Следна статијаApple го претстави Watch Series 8 со сензор за температура како функција за женското здравје
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.