Good Omens е серија напишана од едниот од авторите на истоимената книга (легендарниот Нил Гаиман). Гаиман е автор чии дела ми се едни од најомилените. Стрип-серијалот Сендмен (Sandman Chronicles), Амерички богови (American Gods), Книга за гробиштата (The Graveyard Book) се неколку негови познати дела со кои изгради легија на обожаватели.

Good Omens е книга која тој ја напишал заедно со Тери Прачет (автор на Discworld), уште еден легендарен автор на фантазија и научна фантастика. Ја немам читано книгата, но имињата на овие двајца автори ме натераа да ги изгледам првите неколку епизоди од серијата (има вкупно шест).

Дејствието во серијата се врти околу доаѓањето на Армагедон, или крајот на земјата. Демонот Кроули (Дејвид Тенант) има задача да го однесе детето на Сатаната (оној што треба да сее зло на земјата) во болница каде што калуѓерките треба прикриено да го „бутнат“ во рацете на амерички дипломат, чија жена се пораѓа во истата болница. Но, една од сестрите го носи бебе-демонот во погрешна соба и истото завршува во погрешна фамилија.

Кроули, заедно со ангелот Азирафал (Мајкл Шин), сакајќи да го спречат армагедонот (им се допаѓа животот на земјата) си даваат задача да го „одгледаат“ ова дете сакајќи да спречат да израсне во злобата која ќе го уништи светот. Но, тие не се свесни дека го одгледуваат погрешното дете. Единаесет години подоцна, доаѓа судниот ден кога сега пораснатото дете („Адам“) треба да го започне армагедонот.

Серијата има весел тон, иако се работи за тема која не е весела (крајот на светот). Тоа се должи претежно на изворниот материјал. Она што се добива како чувство е дека авторите црпеле инспирација од Автостоперски водич до галаксијата од Даглас Адамс. Главните актери (Мајкл Шин и Дејвид Тенант) се ѕвездите на оваа серија. Обајцата се гиганти од глумци а сето искуство и знаење го преточуваат во ликовите кои ги глумат, Азирафал (Шин) и Кроули (Тенант). Нивната хемија кога се заедно во сцените е неизбежна. Нивните ликови се изморени од вршењето на функциите кои ги имаат на земјата, служејќи им на нивните господари (на доброто и злото). Се што сакаат е да живеат на раат читајќи книги, пиејќи алкохол и слушајќи добра музика.

Главната предност на серијата (постојаната игривост и весел карактер на ликовите и на дејството) е и понекогаш она што ме одвлекуваше во првите две епизоди. Односно, начинот на кој се одигруваа некои сцени ми даваа надеж дека ќе бидат дел од нешто посериозно и драматично, но секогаш серијата врти кон хумор.

Интересно е што и покрај позитивниот тон на серијата, пак се најдоа луѓе погодени од она што го гледаат. Дел од овие луѓе започнаа петиција со која бараат Нетфликс да ја укине серијата поради тоа што „ја врши работата на Сатаната“. И покрај тоа што Нетфликс нема ништо со Good Omens. Таа е снимена за Amazon Prime. Нетфликс имаше одличен одговор на ова.

ok we promise not to make any more https://t.co/TRPux36kcX— Netflix UK & Ireland (@NetflixUK) June 20, 2019

Не се лоши ни Амазон.

Hey @netflix, we’ll cancel Stranger Things if you cancel Good Omens. ? https://t.co/EJPmi9rL7g— Amazon Prime Video US (@PrimeVideo) June 20, 2019

Се на се, одлична серија која планирам да ја изгледам во целост.

https://www.youtube.com/watch?v=hUJoR4vlIIs
Претходна статијаНовиот Raspberry Pi 4 веќе може да се користи како десктоп компјутер
Следна статијаПознатиот Гејб Аул после 27 години во Microsoft премина во Facebook