James Minchin/AMC

Breaking Bad е една од најдобрите серии што сум ги гледал. Мислам дека Breaking Bad е една од петте најдобри серии некогаш направени. За разлика од многу серии, Breaking Bad не се потпира на епски твистови на крај на секоја епизода. Квалитетот на серијата лежи во брилијантното осмислување на приказната од почеток до крај, имаш впечаток дека креаторот Винс Гилиган знаел каде иде секоја кривина, секој лик разработен до најситен детал. Целата серија е slow burn, почнува бавно и си мислиш дека не иде никаде приказната, ама секоја сезона ти ги подига очекувањата до степен кај што мислиш дека подобро не може да биде.

Затоа уште од првата сезона бев скептичен кон спинофот Better Call Saul. Ми се чинеше непотребно да снимиш цела серија за спореден лик од главното чудовиште (ако може Сол да се нарече спореден лик). Во секој случај, првите четири сезони се одлични, и баш како и трендот на Breaking Bad и тука секоја сезона е подобра. Петтата сезона се чини стварно најдобра досега, но се’ уште не ми е јасно како некои критичари ја гледаат како подобра од Breaking. Може ќе ми се разјасни тоа на крајот од оваа сезона.

Хајлајт на целата серија е секако Сол (улога како да е осмислена за фантастичниот Боб Оденкирк). Друг хајлајт е и Мајкл, тивкиот getting things done човек кој можеме повеќе да го запознаеме во оваа серија, со сите негови страни што ги знаеме и нови што не ги знаеме. Но, тоа пак си е стариот добар Мајкл. Сол од друга страна, доживува трансформација низ сите пет сезони, а во последнава си доаѓа на „своето“ што чекавме да дојде. Сол од петтата сезона ја крадеше секоја сцена во која се појавуваше во Breaking Bad.

Густаво Фринг е уште еден од ликовите за кои учиме се повеќе во оваа серија. Интересно е да се следи како картелот оперира „зад сцените“, нешто што немавме прилика да го гледаме во Breaking Bad, која сепак беше фокусирана на Волтер Вајт (ака Хајзенберг). Уште да го видиме и Бил Бур, ќе ми се јават уште повеќе спомени од Breaking. Се на се, Better Call Saul е одлична серија, меѓу подобрите што може да ги гледаме во моментов.

Претходна статијаКако коронавирусот влијае на загадувањето во Кина
Следна статијаTwitter тестира своја верзија од познатите Stories наречена Fleets