Vivax-Fly-1 (1)

Кинеските паметни телефони веќе неколку години се на сцената во нашата земја. Нудат високи перформанси на хартија и цена која често е за неверување, но во реалноста, се работи за реално послаби понуди од оние на етаблираните производители, или барем такво беше моето досегашно искуство.

Со цел да ми се смени перцепцијата за кинеските паметни телефони, Нико Компјутери ми го оставија најновиот модел на Vivax на користење, кој уште на прв поглед делува како многу сериозен уред, со модерен дизајн и тенко куќиште, осум јадрен процесор и цена која е повеќе карактеристична за уредите од пониските класи.

Vivax-Fly-1 (11)

Vivax е инаку производител кој веќе подолго време е присутен кај нас со најразлични уреди од светот на техниката. Веќе неколку години произведуваат и паметни телефони. Се работи за кинески производител, но со седиште во Хрватска. Поради тоа, од “Niko” ветуваат дека за овој телефон секогаш ќе бидат достапни резервни делови, како и додатоци од типот на маски, заштитни фолии за екранот, полначи итн.

Кога веќе Ви го тргнавме тоа прашање од ум, односно, дека не купувате телефон за кој потоа нема да можете да најдете ниту надворешна маска, да почнеме со впечатоците од Vivax Fly 1.

Дизајн и Хардвер
Прво нешто што се забележува кога ќе се фати телефонот во рака е рамката од алуминиум, која се протега по целиот раб на телефонот и која се грижи за целосната цврстина, односно луксузното чувство при држење. Ова особено изненадува, бидејќи се работи за телефон кој чини само 9.500 денари! Да, задниот поклопец е од пластика, но истиот прилично цврсто лежи на рамката и не постои некое крцкање – телефонот делува како да е од многу повисока класа.

Vivax-Fly-1 (4)

Vivax-Fly-1 (12)

Vivax-Fly-1 (13)

Vivax-Fly-1 (14)

Поставеноста на копчињата е исто така одлична – оние за контролирање на гласноста се на левата страна од дисплејот, додека копчето за отклучување е на десната. Копчињата се делумно испакнати за да се почувствуваат со прстот и имаат прилично добар „клик“. На горниот дел се наоѓа влезот за слушалки, додека во долниот дел е влезот за micro USB полначот. Димензиите се прилично стандардни за еден 5 инчен телефон – 143,5х71,5х8,0 mm. Можеби просторот околу екранот би можел да биде малку помал, но тоа се веројатно моите мали раце што зборуваат, кои редовно имаат проблеми со толку големи телефони.

Vivax-Fly-1 (6)

Vivax-Fly-1 (15)

Дизајнот, благодарение на употребата на алуминиум и тенкото куќиште е привлечен, токму како што му одговара на телефон од 2015 година, а доволен доказ за тоа се зборовите на луѓето кои го видоа и кои веднаш помислија дека се работи за некој модел на Samsung. Всушност, единствено нешто што ги издава дека се работи за кинески бренд е логото во задниот дел.

Дисплеј
Позитивните импресии продолжуваат и кога ќе се вклучи дисплејот. Се работи за IPS екран со HD резолуција од 1280х720 пиксели, која можеби делува како ниска споредено со телефоните од високите класи, кои имаат Full HD и Quad HD, но одговорно тврдам дека нуди доволна острина (294 ppi) кога го гледате од нормална далечина.

Vivax-Fly-1 (9)

Покрај солидната резолуција, дисплејот нуди живи, но не премногу силни бои и одличен контраст – дури и при темните сцени во некои филмови може да се видат деталите. Солидна е и видливоста на сонце – не е на нивото на најскапите телефони, но се сомневам дека за овие пари има подобар екран во надворешни услови. Дисплејот има и широки агли на гледање, што е исто така позитивно изненадување за еден кинески бренд. Единствена помала забелешка, ако може така да се каже е тоа што стаклото на дисплејот не е познатото Gorilla Glass, но и ова треба да е отпорно на гребење. А за загрижените, Vivax има вклучено заштитна фолија.

Софтвер
Vivax Fly 1 доаѓа со инсталиран Android 4.4.2 KitKat, оперативен систем кој е веќе една генерација постар, но има многу поскапи уреди кои имаат дури и постари верзии на Android. Се уште нема најава дали ќе има надградба на Lollipop, но држиме стегнати палци.

Vivax-Fly-1 (3)

Она што е многу позитивно кај софтверот е што е чист Android, односно нема никаков „скин“ интерфејс над него. Исто така, Vivax нема инсталирано премногу непотребни апликации, освен оние основните, како сервисите на Google Play Store. Не само што тоа е позитивно, туку е лекција за тоа како треба да ги продаваат паметните телефони етаблираните производители, односно да му дадат на корисникот да избере што сака да има во телефонот.

Перформанси
Во внатрешноста на Vivax Fly 1 e вграден 8 јадрен процесор на MediaTek (MT6592M) кој работи на 1,4 GHz, помогнат од Mali-450 графика која работи на 700 MHz и 1 GB рам. Самиот процесор е сосема доволен за мазно и брзо работење низ оперативниот систем, без никакво сецкање, како и за брзо отворање на апликациите. Кај Fly 1 скоро и да нема моменти кога го чекате телефонот да реагира – се е брзо и флуидно.

Единствено меморијата од 1 GB може да претставува ограничување за некои корисници, кои сакаат да држат многу апликации отворени одеднаш – се случува да се вратите на некоја апликација и таа да треба да се стартува одново. Сепак, ова не е толку изразено како кај некои Android телефони со инсталиран посебен „скин“, кои не можат да задржат ниту две апликации во рам меморијата.

Vivax-Fly-1 (10)

Најголемо изненадување е тоа што во телефонот е вграден 16 GB простор за складирање податоци, што е скоро преседан во овој ценовен ранг, а исто така има и простор за micro SD картичка, што значи дека веројатно никогаш нема да ви се појави проблем со недостаток на простор.

Во поглед на можностите за играње игри, Fly 1 ќе ги задоволи скоро сите корисници. Игрите како “Temple Run”, “Doodle Jump” или “Jetpack Joyride” буквално лизгаат и не претставуваат никаков проблем за чипсетот, но од друга страна, потешките 3D наслови како “Asphalt 8”, иако игриви, се прикажуваат со константно паѓање на фрејмовите и мало сецкање. Сепак, сите кои ги играле овие игри, знаат дека за мазно искуство, потребно е да се има паметен телефон од највисоките класи, па секако ова нема да го ставиме како недостаток.

Батерија
Единствениот дел каде Vivax Fly 1 видливо заостанува зад останатите телефони е малата батерија од 1750 mAh. Иако чипот на MediaTek е прилично штедлив и телефонот не троши премногу енергија кога е во стенд-бај, при користење на телефонот брзо паѓаат процентите за исполнетост на батеријата. Со нормално користење може да се „истурка“ до крајот на денот, но за телефон со екран од 5 инчи и HD резолуција, секако дека треба барем малку поголема батерија.

Vivax-Fly-1 (5)

Утеха е што батеријата може да се извади и да се промени, за разлика од многу други телефони денес, па добро би било да вложите во уште една резервна батерија доколку имате потреба од тоа. Исто така, забележав дека батеријата се полни исклучително брзо, за час и половина до два часа, што е уште еден плус.

Камера
Fly 1 е опремен со камера од 13 мегапиксели во задниот дел. Мегапикселите секако дека не значат многу ако сензорот вади премногу шум и недоволно силни бои, но оваа не разочарува. Напротив, фотографиите се доволно остри дури и кога се гледаат на поголем монитор, а боите се живи и природни (фотографиите се директно од телефонот, намалени за веб гледање, без никаква преработка). Во ноќни услови има малку повеќе шум, но резултатот е подобар дури и од некои поскапи телефони. Се на се, уште едно позитивно изненадување.

Фотографија сликана со Auto, без никакви подесувања
Фотографија сликана со Auto, без никакви подесувања

 

Фотогафија сликана со HDR мод

 

IMG_20150924_110606
Макро фотографија

 

IMG_20150924_110753
Фотографија во потемни услови, без блиц

 

IMG_20150924_145442
Селфи со предната камера

Предната камера пак има 2 мегапиксели и вади доволно добри фотографии за гледање на помал дисплеј, како тој на телефонот, но на поголем дисплеј се гледа недостаток на острина и повеќе шум. Што значи, селфи фанови, за максимален учинок, свртете го телефонот!

Телефонија и поврзување
Vivax Fly 1 поддржува две сим картички, што веќе стана мода кај кинеските телефони. Двете линии можат да се користат во исто време, додека брзината на конекцијата е 3G HSPA. Повиците се без пречки, дури и кога телефонот се префрла од една мрежа на друга, а немавме проблем ниту со јасно слушање на говорникот од другата страна.

Vivax-Fly-1 (2)

Секако, вградена е и Wi-Fi конекција, Bluetooth 4.0, GPS и FM радио, што значи дека во делот на поврзување Fly 1 е прилично стандарден.

Заклучок
После една недела користење, може слободно да се каже дека кинеските телефони веќе не се она што беа порано – бавни, со лоши дисплеи и ужасна изработка. Да, и Vivax Fly 1 има недостатоци – батеријата е помала отколку што би му требало на телефон со екран од 5 инчи, меморијата од 1 GB рам малку го ограничува користењето на повеќе апликации одеднаш и предната камера не е најдобро решение за селфи фановите.

Vivax-Fly-1 (16)

Сепак, предностите на Vivax Fly 1 се многу повеќе на број. Изработката и дизајнот се одлични, со алуминиумска рамка од страните, екранот може да засрами и поскапи телефони, додека генерално перформансите при користењето на уредот се одлични. Јаготка на шлагот е одличната задна камера, која слободно може да ја користите како замена за вашиот дигитален апарат, особено при фотографирање во текот на денот. И сето ова, по цена од само 9500 денари во Нико Компјутери.

И да, после позитивните импресии од Huawei P8, кој е етаблиран производител на светско ниво, сега може да потврдиме и дека помалку познатиот Vivax има одличен играч во Fly 1 – нуди целосно квалитетно смартфон искуство, за многу пониска цена од популарните конкуренти.

Претходна статијаMicrosoft го одржа Windows 10 настанот – Многу подобар од очекувањата
Следна статијаСо Microsoft Project X-Ray претворете ја собата во видеоигра!