Huawei го претстави својот најнов телефон од високата класа, P8, во април оваа година. Како што истакнавме при неговото претставување, кинеските телефони стануваат се поконкурентни и веќе не може да се каже дека се евтина копија на познатите модели. Тие се повеќе се одликуваат со одличен дизајн, квалитетна изработка, одлични перформанси, а главниот модел на Huawei е доказ за овие тврдења.
Huawei имаше и официјално претставување во T-Mobile Македонија кое што се одржа при крајот на минатиот месец, а присутните можеа подобро да се запознаат со карактеристиките на телефонот, а еден среќен посетител си замина со бесплатен примерок. Исто така телефонот може да се купи по цена од 12.990 денари со пакетот Play Comfort во кој што следува и дупло повеќе интернет сообраќај од стандардната понуда, односно 4 GB со 4G брзина.
Huawei P8 е наследник на минатогодишниот P7 и доаѓа со одредени промени во дизајнот, материјалите, како и големината на самиот уред.
Од официјалното претставништво на Huawei во Македонија го добивме овој одличен модел на користење неколку дена, па во продолжение ги пренесуваме нашите први импресии. На крајот од статијата исто така можете да го погледнете кратко видео кое што ќе ви го долови излгедот на телефонот и полесно ќе можете да добиете претстава за што се работи.
ДИЗАЈН
Телефонот уште на прв поглед остава навистина квалитетен впечаток. Целосно металното тело, заедно со малата дебелина го прават удобен за држење, а и интересен за гледање. Она што исто така остава впечаток е малата тежина, па кога првпат го земавме уредот, помисливме дали можеби батеријата не е ставена, иако знаевме дека доаѓа со тело кое што не се отвора.
P8-ката има димензии од 144.9 x 71.8 x 6.4mm и тежина од 144 грама. Екранот е со големина од 5,2 инчи, што според нас е можеби најдобрата средина од достапните големини на пазарот. Доколку е поголем, веќе влегува во територијата на таблет компјутерите, по неудобен е за носење и користење, а сепак не може да ја понуди предноста на поголемите таблети.
Предната страна е направена да акцентот биде што повеќе ставен на екранот и истиот зафаќа 78,3% од предницата. Рабовите се прилично тенки, нешто што почна да станува тренд со моделите на LG и може да се каже дека остава поинтересен впечаток отколку стандардните дебели рамки околу екранот.
На задната страна од уредот централното место е оставено за логото на компанијата, а камерата е направена да зазема што помалку простор. Таа е поставена на горниот лев агол, заедно со флеш сијаличката и воопшто не се истакнува од уредот, за разлика на некои телефони и покрај малата дебелина.
Левата страна на уредот е направена да биде целосно чиста, односно не се поставени никакви копчиња или порти. Поради тоа десната страна ги содржи сите потребни копчиња, како и двата влеза за двете Nano-SIM картички кои што може да се постават во телефонот. На долната страна се наоѓаат USB портата за полнење и поврзување на уредот, како и двата стерео звучници. Портата за слушалки, како и кај повеќето телефони е поставена на горната страна од телефонот.
КАРАКТЕРИСТИКИ
Huawei P8 е телефон од високата класа и соодветно на тоа се вклучени и компонентите. Па така, P8 доаѓа со 5,2 инчен IPS-NEO LCD екран со Full HD резолуција, односно 1920 на 1080 пиксели и нивна густина од 424 ppi. За заштита на екранот од гребаници и слични удари се грижи Gorilla Glass 3.
Телефонот работи на чипсетот од компанијата Kirin кој што вклучува осум јадрен процесор, односно четири Cortex A53 јадра кои работат на 2 GHz и четири Cortex A53 јадра кои работат на 1,5 GHz. За графиката се грижи Mali-T628 графичкиот процесор.
P8-ката доаѓа со 3 GB RAM меморија кои што очекувано се покажаа како доволни за апликациите кои што ги користевме, а веруваме дека ќе бидат доволни за сите корисници кои што би сакале да купат ваков телефон. За складирање достапен е избор од 16 и 32 GB, а тие што имаат потреба од уште повеќе тоа можат да го направат со додавање на microSD картичка со капацитет до 128 GB.
Камерата на P8, поточно главната задна камера е со сензор со 13 MP, односно може да прави слики со резолуција од 4160 x 3120 пиксели. Од функции достапни се автоматско фокусирање, оптичко стабилизирање на сликата, како и уште неколку софтверски ефекти кои што го прават сликањето поинтересно.
Предната камера има 8 мегапиксели, што им овозможува на љубителите на селфија можност за навистина квалитетни слики. Оваа камера исто така има можност за снимање на 1080p видеа, како и главната камера.
СОФТВЕР
Како што би очекувале, P8 работи на најновата верзија од Android оперативниот систем, односно на 5.0 Lollipop, а може да се очекува и надградба на поновите и помали надградба на 5.1.
Врз Android е поставен познатиот за Huawei Emotion кориснички интерфејс кој што е во неговата 3.1 верзија. Нешто што веднаш може да се забележи кај Emotion, како и кај другите кинески решенија, е недостатокот на App Launcher, што значи дека сите инсталирани апликации се поставени на главниот екран. Ова е нешто што е во главно карактеристично за iOS оперативниот систем, а не за Android, па некои корисници го сметаат како предност, додека некои како копија која што ја намалува функционалноста на Android оперативниот систем.
Телефонот доаѓа со поголем број на сопствени апликации, како што се апликацијата за email, календар, безбедност, file explorer и слични.
Интересен е додатокот за промена на темите, односно целосниот изглед на корисничкиот интерфејс, од неговата позадина, па се до боите на елементите и изгледот на иконите.
Во основа можеме слободно да кажеме дека телефонот беше одличен во текот на неколкуте денови што го користевме. Ваквите модели прават да почнеме да го менуваме мислењето кое што обично е проследено кога ќе се помисли на некој кинески производ. Се надеваме и дека кинеските телефони ќе извршат притисок на поголемите компании да ги намалат нивните цени кои што не ретко претставуваат само една голема премија за брендот.