Втора година по ред Samsung пушта, да ја наречеме така, четврта верзија од нивната Galaxy S серија која ја носи ознаката „FE“, односно Fan Edition. Кога ќе го видите овој додаток кај Samsung смартфонот, може да очекувате одличен телефон кој ги дели карактеристиките од серијата, направени во комбинација која овозможува пониска цена.

Galaxy S21 FE 5G беше претставен нешто подоцна, односно на почетокот од оваа година, па за многу корисници доаѓа прашањето дали да ги почекаат новите Galaxy S22 телефони, но секако тука главната одлука може да „падне“ на цената.

Сега кога ги имаме и новите Galaxy S22 уреди и ги гледаме одличните оценки кои ги добиваат, можеби се зголемува дилемата кај корисниците за кој модел да се одлучат. Се што би можеле да кажеме е дека никој нема да згреши ако се одлучи за Galaxy S21 FE, а притоа и заштеди по некој денар.

Први впечатоци и дизајн

Како доскорешни корисници на Galaxy S21, не очекувавме некоја посебна реакција на Galaxy S21 FE, мислејќи дека во основа веќе со месеци користевме телефон кој е доста сличен. Сепак, малите промени кои ги има направено Samsung беа доволни за да возбудата при користење на нов телефон е тука, а таа сигурно нема да ги поштеди корисниците кои користеле постар телефон.

Samsung одлично има направено да пластичниот заден дел е покриен со слој кој е одличен на допир, па може да се каже дури подобар и од основниот Galaxy S21, но затоа и кажуваме дека FE е одлична комбинација од достапните модели.

Од страните телефонот е изработен од алуминиум и карактеристично за Samsung, страните се доволно заоблени за телефонот одлично да лежи во раката и после доста долго време на користење.

Модулот за камери е направен карактеристично за оваа серија, а овој стил остана уникатен за телефоните од Samsung и по тоа може да се каже дека се препознатливи. Според нас ова е еден од подобрите дизајни, а тоа посебно доаѓа до израз со интегрирањето на рамката со модулот, на прв поглед оставајќи впечаток дека се споени во едно.

Перформанси, карактеристики и корисничко искуство

Samsung Galaxy S21 FE 5G доаѓа со инсталиран One UI 4.0, кој е направен на основа на најновата верзија од Android, односно Android 12. Со ова корисниците на FE моделот веднаш ги добиваат новите можности за прилагодување на телефонот, како на пример промената на боите на системот и иконите врз основа на позадината, а тука се и новините поврзани со приватноста.

Меѓу првите работи кои не интересираа кога го средивме доволно телефонот за дневно користење, беа неговите перформанси. Иако Galaxy S21 FE работи на истиот чип од оваа серија, односно Exynos 2100, очекувавме дека Samsung има направено дополнително оптимизирање како што беше случајот со останатите телефони.

Нашето искуство покажа дека Galaxy S21 FE работи одлично, не се загрева многу при користење на камерата за повеќе слики или играње на игри, како што е случајот и со останатите уреди од класата, стандардната дневна работа е ништо помалку од беспрекорна.

Екранот на Galaxy S21 FE е со големина која доаѓа помеѓу основниот Galaxy S21 модел и Galaxy S21+, односно 6,4 инчи. Ова одлична одлука на Samsung и поставеноста помеѓу 6,7 инчниот „плус“ модел и 6,2 инчниот основен модел, прави да фановите на Samsung тука ја добиваат „златната средина“.

Што се однесува до резолуцијата, таа е иста како другите два модели, односно 2400 на 1080 пиксели со што се добива нивна густина од 411 пиксел на инч. Стапката на освежување е 120 херци, а ако уште сте корисник кој нема користено телефон со оваа стапка, бидете спремни за неколку денови на чудење колку е оваа карактеристика добра и колку прави разлика во корисничкото искуство.

Користењето на Galaxy S21 FE е познато искуство кое фановите на Samsung го познаваат долго време и го ценат, па затоа и се одлучуваат за нивните смартфони. Доколку немате пробано на вашиот уред One UI 4.0, иако не се работи за драстично различна верзија, ќе ги забележите малите промени кои доста значат за добивање на одлично корисничко искуство.

Galaxy S21 FE доаѓа стандардно со три камери на задната страна, а квалитетот на сликите од Samsung смартфоните е познат и за него не треба многу да се пишува.

Главната камера е со 12 мегапиксели и f/1.8 и оптичка стабилизација на сликата. Сензорот е со големина од 1.8 микрометри, што значи дека е доволно голем за да овозможи добро примање на светлина.  

Камерата која е задолжена за зумирање доаѓа со сензор од 8 мегапиксели и негова големина од 1 микрометар и до три пати зумирање на сликата. Третата камера е со 12 мегапиксели и ултра широк агол на сликање до 123 степени. На предната страна FE доаѓа со камера од 32 мегапиксели.

Сликите кои ги слика овој телефон се во рамките на серијата, односно на Galaxy S21, што значи дека се едни од најдобрите на пазарот. Без разлика во која ситуација сликате, FE ќе ви овозможи да ја извадите најдобрата слика која може.

Една работа која би ја издвоиле како мал минус кај овој модел е сензорот за отпечаток на простите. Кај Galaxy S21 FE тој е оптички, наместо ултразвучен како кај остатокот од серијата. Тоа значи дека тој работи и нешто побрзо, но се смета за помалку безбеден, поради тоа што функционира врз основа на правење, кратко кажано, на слика од прстот.

Батеријата која е со капацитет од 4500 mAh, успева да издржи еден ден. Смартфоните од највисоката класа сепак бараат секојдневно користење поради посилните компоненти во нив, но и поради типот на корисник кој ги купува овие модели.

Секако, доколку не се претерува со користењето на телефонот, тој без проблем успева да издржи до наредниот ден.

Полнењето на батеријата е доволно брзо со брзиот полнач кој сега се купува посебно, доколку веќе го немате.

За нас главната мерка е дали подиспразнетиот телефон може доволно да се наполни кога непланирано се спремаме да излеземе, па имаме околу 15-20 минути време да го ставиме на полначот. Како и со остатокот од телефоните од оваа серија, ова време е и повеќе од доволно, а посебно ако го следите нашиот совет да не го оставате телефонот под 40%, освен ако не морате.

Квалитетот на изработката е стандарден за Samsung, односно нема ситуации каде може да настане проблем од мало закачување на телефонот во нешто, односно корисниците може да бидат сигурни дека имаат телефон кој ќе издржи стандардно користење со повремени „незгоди“.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Екран
Корисничко искуство
Батерија
Камера
Претходна статијаHuawei со нов лаптоп, таблет, печатар и уште неколку уреди на MWC 2022
Следна статијаОпштина Струмица преземена од карневалистите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-samsung-galaxy-s21-fe-5g-uste-edna-odlicna-fan-verzija-na-samsungНе би размислувале пред да го препорачаме овој телефон на било кого, а посебно кога се сака и делумна заштеда на пари. Доста корисници ќе се одлучат да го купат овој телефон, наместо најновите од највисоката класа, но сепак не сакаат да купат некои од моделите од средната и средно високата, а со Galaxy S21 FE добиваат уред од високата класа.