Motorola Edge 20 е телефон од средната класа, па за разлика од најчесто популарните телефони од високите класи, овој може да привлече нешто поголемо внимание кај голем дел од корисниците. За ова не е одговорна само цената која изнесува околу 500 евра, зависно од каде се купува и каква промоција е активна во моментот, па Edge 20 доаѓа со карактеристики кои ќе го привлечат вниманието и на тие кои се размислуваат за поскап уред.

Дизајн и карактеристики

Уште при првото земање на уредот од кутијата веднаш паѓа во очи одличниот дизајн и малата тежина. За многу тежината е одраз на квалитетот, но после неколку денови на користење верувам дека секој би се одлучил за полесен уред.

За уред со мала тежина, воопшто не е штедено на неговата големина, како и квалитет на изработка. Да, задната страна е изработена од пластика, а страните од алуминиум, од каде и можноста за малата тежина, но начинот на изработка и дизајн, го прават посебно убав овој уред.

Тоа што се забележува и посебно се истакнува е рамната рамка околу телефонот, изработена од алуминиум. Можеби е споредбата со скапите iPhone телефони или само вкус на корисникот, но за мене рамната рамка отсекогаш оставала подобар впечаток и полесно држење на уредот.

Пластиката на задната страна е направена на начин да изгледа дека се работи за стакло со мат позадина, која сепак не е имуна на отпечатоците од прстите, па доколку тоа е нешто што го забележувате, ќе мора од време на време да го бришете телефонот.

Од страните се поставени три копчиња, односно копчето за вклучување, на кое е поставен и брз сензор за отпечатоци, копче за контрола на јачината на звукот и интересно, посебно копче од другата страна на уредот за Google Assistant.

Motorola Edge 20 има 6,7 инчен Full HD OLED екран со стапка на освежување која ретко ја гледаме кај телефоните, па и кај тие од највисоката класа. Екранот може да биде наместен на 144 херци, иако стои предупредување дека така потрошувачката на батеријата е поголема. Покрај можноста за избор на стапка од 60 херци, достапна е и автоматската стапка која го прилагодува освежувањето на екранот до 120 херци, па ова е изборот кој повеќето би го користеле при нормална употреба.

Стапката од 144 херци е наменета за тие кои навистина би сакале да го извадат максимумот кој доаѓа со овој телефон, како и за корисниците кои играат игри.

Edge 20 работи на Snapdragon 778G и има поддршка за 5G мрежи, нешто што конечно и кај нас значи нешто кога ќе го видиме во карактеристиките.

Овој чип доаѓа со осум јадрен процесор кој е поделен на четири посилни јадра и четири штедливи за ситуациите кога не е потребна максималната моќ на чипот.

Камерите кај Motorola Edge 20 се четири, односно три на задната страна и една селфи камера поставена во мала и дискретна дупка. 108 мегапиксели е сензорот на главната камера кој работи со технологијата на спојување на пиксели, односно во овој случај 9 пиксели во еден, со што се добива слика од 12 мегапиксели, но со многу поголема способност за примање на светлина.

Телефонот ја нуди можноста да се направи слика со 108 мегапиксели, но вакво нешто се препорачува кога се слика во добра осветленост и кога сликата не е планирана да се прикажува само на мобилниот, друштвените мрежи или евентуално на компјутерите и телевизорите.

Втората камера, која има 8 мегапиксели е камерата задолжена за зумирање, а кај Edge 20 таа можност е до три пати. Камерата има оптичко стабилизирање на сликата, нешто што и мора да го има кај камерата наменета за зумирање.

Третата камера е со 16 мегапиксели и ултра широк агол на сликање од 119 степени. Селфи камерата доаѓа со 32 мегапиксели, а може да снима и до Full HD со HDR.

Корисничко искуство

Телефоните од Motorola се познати по тоа што не го менуваат, барем не многу, Android оперативниот систем со некој нивни „тежок скин“. Корисниците со овој бренд можат да бидат сигурни дека го добиваат Android онака како што го имаат замислено програмерите во Google, а добиваат и многу побрза работа и траење на батеријата.

Со овој факт како основа, но и одличниот чип на кој работи Motorola Edge 20, се добива одлично функционирање на телефонот. Тоа што е најважно е да не се добие впечаток дека телефонот „се мачи“ со некои задачи, односно со отворањето на апликациите, веб страни и сликањето на слики.

Работата со Edge 20 е „мазна“ и во неколкуте недели во кои го користевме овој телефон, не успеавме доволно да го оптовариме за да почнат да се јавуваат некои проблеми во работата.

Motorola Edge 20 има одличен сензор за отпечатоци на прстите на десната страна од уредот, односно поставен на копчето за вклучување. Брзината на функционирање на овие сензори значи многу за корисничкото искуство кое ќе го има корисникот со тој телефон, па проблем е кога отклучувањето во повеќето случаеви бара два до три пати поставување на прстот.

Кај Edge 20 сензорот е направен одлично, а голем дел од заслугата за тоа ја има и фактот што е поставен на копче, а не под екранот. Отклучувањето секогаш се прави од прва и е доволно брзо за да веќе оваа активност на е нешто што се забележува.

Неколку функции го прават користењето на Edge 20 уште подобро, односно се добива чувството дека се користи сериозен телефон кој овозможува доволно големо ниво на прилагодување. Пример за такви функции е менувањето на стапката на освежување на екранот, незаклучување на екранот кога се гледа во него, контрола преку гестикулации, како повлекување со три прсти за правење слика од екранот и слично.

Посебно се истакнува Power Touch функцијата за одредување на команди со двојно притискање на копчето за вклучување, а преку истата може да се направи вклучување на мал „попап“ со избрани апликации за брз пристап до нив.

Сите овие посебни можности кои се дел од Edge 20, наместо да се бараат посебно во Settings се лесно достапни преку апликацијата Moto. Преку оваа апликација исто така се достапни функциите за прилагодување на уредот, како менување на позадината и слично.

Достапноста на една ваква апликација доста го зголемува корисничкото искуство со чувство дека се што е потребно за менување на важните прилагодувања на телефонот е достапно преку посебна и поедноставена апликација во споредба со Settings.

Уште една работа која сигурно ќе им значи на доста корисници е достапноста на полнач во кутијата, нешто што веќе скоро две години почна да се менува како практика кај уредите од највисоката класа, па сигурно е прашање на време кога ќе стане нормално за сите производители кај сите нивни модели.

Motorola Edge 20 доаѓа и со можност за прикажување на информации на екранот додека е заклучен, со неколку можности за тоа кога истите да се прикажат, како на пример со притискање на екранот. Ова е функција која порано беше карактеристична повеќе за поскапите модели, но сега веќе може да се смета за стандардна, иако на пример Apple никако да се реши да ја вклучи кај нивниот iPhone.

Сликањето со Edge 20 е уште еден пример за привлечноста на овој телефон и го заокружува доброто корисничко искуство кое го имавме за време на тестирањето. Квалитетот на сликите е задоволителен, па и повеќе од тоа. Сликите се со одлична острина, боите се истакнуваат колку што би требало, а не би се пожалиле ни на можноста за сликање навечер.

За добрите слики секако има заслуга и одличниот чип на којшто работи Edge 20, кој иако не е од највисоката класа, сепак е чип кој може да ги овозможи потребните пресметки од добиените детали.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн и изработка
Перформанси и батерија
Камера
Софтвер
Претходна статијаNothing закажаа настан за 23 март на кој ќе ги презентираат плановите за оваа година
Следна статијаНамалувањето на маржата ќе предизвика криза со горивата и блокада на економијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-motorola-edge-20Motorola Edge 20 е одличен телефон од средната класа кој доаѓа со одлиен екран кој ќе биде еден од главните фактори за купување на овој телефон. Работата е брза и мазна, со што се добива одлично корисничко искуство, а тука е и одличниот софтвер кој е од една страна едноставен и непреполнет со непотребни работи, од друга страна со доволно функции за прилагодување на работата за да го направи овој телефон сериозен конкурент на пазарот.