Motorola One е смартфон од средната класа кој беше претставен во втората половина од минатата година. Две главни карактеристики го прават посебен и се истакнуваат, а тоа е големиот екран со исечок на горната страна, како и Android One категоријата на уреди кои подразбираат чисто Android искуство со гаранција за надградба на барем две нови верзии од оперативниот систем.

Исечокот на екранот, кој како тренд беше започнат со iPhone X, остава впечаток дека се работи за уред од повисоката класа, а сепак парите што ќе ги платите се само третина од моделите со исечок кај конкуренцијата од високата класа.

Корисниците на Motorola One можат да бидат сигурни дека во периодот што ќе го користат овој уред, секогаш ќе го имаат најновото кога е во прашање софтверот, а поради „чистиот“ Android без големи додатоци, тоа искуство секогаш ќе биде „мазно“ и на повеќе од задоволително ниво.

Дизајн и изглед на Motorola One

Првата работа која што остава впечаток кога ќе се земе Motorola One во рака е исечокот на екранот на горната страна. Како што е случајот и од тука и причината за вградување на вакво решение кај сите вакви модели, екранот е поголем, прикажува повеќе информации, без притоа да се зголеми непотребно големината на целиот уред.

Големината на исечокот е просечна, односно не е од помалите верзии коишто ги имаме видено на пазарот. Јас лично би сакал да е помал, но искуството покажа дека сепак се привикнуваме после краток период на користење. Информациите коишто можат да се видат од страните на исечокот се доволни за да се оправда постоењето на тој дел од екранот.

Рамките околу остатокот од екранот се мали и оставаат доволно простор за да се добие она чувство на телефон кој е целиот екран на предната страна.

На задната страна се сместени, покрај логото на компанијата, коешто е и сензор за отпечатоци, уште две камери и „флеш“.

Задната страна, исто како и предната, е изработена од стакло, додека страните се со алуминиум. Ова остава одличен и квалитетен впечаток, без непотребната пластика која се користи кај одредени модели која прави да изгледаат поевтино од што навистина се.

Ракувањето со уредот е лесно и пријатно, а она што остава впечаток е тоа што уредот воопшто не е тежок, нешто што знае да е проблем кога се става телефонот во не толку „безбедни“ џебови, па со Motorola One тој проблем го нема.

Motorola One доаѓа со силиконска проѕирна заштитна маска, што значи дека нема да треба да купите посебно, доколку сте корисник којшто секогаш сака својот телефон дополнително да го заштити.

Карактеристики и перформанси

Motorola One има екран со големина од 5,9 инчи и за жал истиот не е Full HD, нешто што сепак е карактеристично во одредена бројка на телефони од оваа, средна, класа.

Резолуцијата на телефонот е HD, односно 1520 на 720, а поголемиот број на пиксели во делот за висината, се должи на издолжениот поради исечокот екран со 19:9 сооднос.

Иако екранот не беше „лош“ како што очекував со оглед на резолуцијата, односно тој беше изненадувачки добар за користење, сепак се чувствува дека не е Full HD или повеќе кога се чита нешто, на пример. Во други ситуации тоа не е забележливо, а сепак е важно и каков уред имате користено претходно. Можеби јас и не сум толку меродавен, сепак како главен телефон го користам Galaxy S9 со 2K резолуција, па за мене разликата е голема.

Motorola One работи на Snapdragon 625 чипсетот кој има осум Cortex-A53 јадра кои работат до 2.0 GHz. Меморијата е задоволителни и според мене доволни 4 GB, додека внатрешната меморија за податоци има капацитет од 64 GB, со можност за додавање на картичка која може да биде со капацитет до 256 GB.

Овие карактеристики се тука за да го „покренат“ чистото Android искуство кое го нуди Motorola One. Како што може да се забележи од самото име, овој модел е направен под Android One ознаката.

Тоа значи дека Motorola не додава свои софтверски додатоци, како и не прави промени на корисничкиот интерфејс, односно тоа што го прави е минимално. Поради тоа, Motorola One изгледа како што Google го има замислено овој оперативен систем.

Ова придонесува за брза и мазна работа која не остава впечаток дека се работи за уред којшто не е од високата класа, се разбира додека не решите да играте некоја игра или нешто што реално бара поголема процесорска моќ.

Камерата кај Motorola One

Motorola One доаѓа со две камери на задната страна и една на предната. Задните камери имаат 13 и 2 мегапиксели, а втората камера е тука за овозможување на одличните ефекти кои се возможни кога има две камери, како заматување на позадината, длабочината на сликата и слично.

Камерите на Motorola One функционираат како што би се очекувало од уред во оваа класа. Не може да се издвои некоја посебна способност, ниту па да се каже дека не се добри и корисниците кои даваат значење на квалитетот на камерата на би биле задоволни.



ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Користење
Екран
Камера
Перформанси
Претходна статијаToyota ќе работи на развој на „rover“ за мисија на Месечината за јапонската вселенска агенција
Следна статија3 области во кои Државата ја губи контролата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
motorola-one-recenzijaMotorola One е одличен уред којшто го наоѓа своето место помеѓу конкуренцијата која доаѓа од кинеските производители. Иако во некои области може да се каже дека конкуренцијата е понапред, во други Motorola One има предност. Купувањето на овој телефон е нешто што можеме да го препорачаме, а се разбира голема улога во таа одлука ќе игра и вашиот вкус, односно преференции за телефони.