Во најмалку наивното сценарио, Државата (власта) е неопходна за да ги обезбедува услугите кои граѓаните не можат да си ги обезбедат (барем не по политичко прифатлива цена) сами за себе, на слободен пазар. Секако, оваа теза често се развлекува поради политички лобирања и власта регулира, и Државата контролира или целосно раководи со повеќе сектори отколку што е неопходно – или пак, во тоталитарните уредувања (социјализам или фашизам), СЕ е под контрола на Големиот Брат.

Во политички контекст, борбата за слобода значи ослободување од Левијатанот и повеќе моќ во рацете на граѓаните слободно и сами да одлучуваат што и како ќе соработуваат. Делумно, слободата се стекнува со идејна, но и физичка борба (доколку изостанува реална демократија). Нема подарена слобода.

Сепак, во последните 30тина години технологијата либерализира се повеќе сектори и го поткопува монополот на Државата во голем број области. Ненасилно, тивко и без многу протести, викотници и лобирања низ демократските и политичките тунели. Еве ги моите омилени три области кои пополека или целосно се извлекуваат од политичка контрола:

Светот на информациите и вестите

Не е случајно што слободата на изразување е фундаментален дел од било кое денешно модерно либерално општество. Но, без разлика на формално-правните гаранции, лесно беше мислата, вестите и информациите да се под голема контрола на власта. Оние кои треба да служат на народот – теоретски – му сервираа на народот она што тие сакаа да го слушне. Не повеќе. Со Интернетот секој може да се изразува и да комуницира со секој скоро без никаква цензура (освен автоцензура). Можностите лесно да отвори секој портал, блог, вебсајт, форум или подкаст значи дека светот на информациите и вестите е целосно либерализиран. И затоа и вресоците за „лажни вести“ – монополот на Државата и медиумите кои го контролираа наративот е руиниран. Нема назад.

Светот на знаењето и образованието

Без разлика на пенетрацијата на либералната/либертаријанската мисла и култура, ретко каде не доминира државно-аминуваното образование. Дури и приватните училишта функционираат во тесно ограничена рамка поставена од државните комисии. Денеска децата скоро се’ наоѓаат на Гугл или Википедија. Безброј воглавно бесплатни академии се достапни за структуирано учење на било што што човек го интересира, а е-книги има за помалку од 100 денари за која тема и да посакаш.

Светот на парите и финансиите

Историски, постоел одреден слободен пазар во светот на парите – златото го ковале приватни ковачници и постоело конкуренција на монети. Барем се додека царевите не разбрале колкава е моќта на парите за контрола на народот. И барем додека постоеше златото моќта на власта била донекаде ограничена за да си игра со вредноста на парите на луѓето.

Појавата на Биткоин и криптовалутите целосно ја менуваат играта. Иако сме уште во рана фаза, она што веќе докажа Биткоин е дека парите може да бидат приватна или open source програма. Софтвер со попаметни и потранспарентни правила од она што го имаме денеска како монетарен систем. Правила кои е скоро невозможно да се променат, а граѓаните да имаат директна контрола врз своите пари и да можат директно да комуницираат без посредници. Да, приватните банки ќе мора да се прилагодат и да го најдат своето место во новиот свет, но се поставува прашањето дали ќе имаме воопшто потреба од централни банки во не-толку далечна иднина.

Џефри Такер има уште едно 100-тина идеи на слична тема, ако некој го интересира повеќе оваа тема.

Претходна статијаMotorola One рецензија
Следна статијаTesla го претстави Model Y – помал SUV модел направен на основа на Model 3
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.