Galaxy S10+ е доказ дека Samsung не планира да го изгуби местото на пазарот

Повторно најдобриот екран на пазарот во комбинација со одлично среден софтвер и три камери кои ќе ги направат едни од најдобрите слики

Samsung Galaxy S10+ го добивме на тест пред точно еден месец кога започна нашето запознавање со најновото и најдоброто од Samsung, барем за овој дел од годината. Како што напишав уште при првото отворање и користење на телефонот, екранот повторно е нешто кое остава без зборови кога за првпат ќе се вклучи уред од Samsung. Квалитетот на сликата, пријатноста за очите, боите, контрастот… Не е за џабе број еден производител на екрани за мобилни телефони во светот.

Првиот впечаток за уредот генерално, остана и во остатокот од периодот на користење, е дека се работи за исклучиво квалитетен уред со одлична изработка за која е внимавано на секој мал детаљ. S10+ е доволно лесен и пријатен за користење и воопшто не остава впечаток дека се користи телефон со еден од поголемите екрани на пазарот.

Големината на екранот која се добива со сместувањето на камерите во мала дупка на десната страна, ја трга потребата од рамка или исечоци, а корисничкото искуството при користењето на телефонот е најдоброто што може да се добие.

Карактеристики и дизајн

Веднаш и со сигурност можам да кажам дека Samsung полека, сигурно и на свој карактеристичен и уникатен начин оди во правец на целосното тргање на рамките околу екраните кај телефоните. Infinity-O екранот којшто го користат кај S10 серијата, меѓу другите, е вистински успех и освежување за пазарот за којшто стана нормално да се користи познатиот исечок на горната страна.

Екранот на Samsung остава многу повеќе простор за сликата, односно за прикажување на информации на горниот дел, притоа задржувајќи ја камерата, а во овој случај двете камери.

Екранот на Galaxy S10+ е со големина од 6,4 инчи и е изработен во за Samsung стандардната и усовршена Dynamic AMOLED технологија. Резолуцијата на екранот е 3040 на 1440 пиксели, а со тоа се добива нивна густина од 522 пиксели на инч.

Екранот е заштитен со шестата верзија од Gorilla Glass, а исто така поддржува гледање на HDR10+ содржина, што гледачите на Netflix сигурно ќе ја ценат.

Изгледот на телефонот едноставно привлекува внимание. Предната страна со познатите заоблени делови од левата и десната страна, значително намалената рамка на долната страна и продолжената слика на горната страна изгледаат одлично.

Задната страна која е изработена од стакло вклучува нови бои кои веќе не се „досадни“ и му даваат на Galaxy S10+ многу привлечен изглед. На оваа страна веќе го нема сензорот за отпечатоци кој сега е сместен под екранот на предната страна.

За одличната работа на супер средениот One UI кој работи на најновата верзија од Android, 9.0, е задолжено моментално најдоброто од Qualcomm, Snapdragon 855, односно Exynos 9820 за европскиот пазар.

Изборот на RAM почнува од 8 GB, а Samsung веќе во неколку модели вградува 512 GB простор за податоци, па во комбинација со картичка и облакот, нема да фали простор за ништо.

Морам во еден мал дел да го пофалам Samsung за работата која ја имаат направено со One UI кој прави да тотално заборавиме дека едно време Touch Wizz беше стандардното и критикувано решение од компанијата.

Корисничкиот интерфејс се што може го прави како што треба. Од боите, до поставеноста на работите, брзината на работа, иконите на апликациите и слично.

Samsung Galaxy S10+ доаѓа со вкупно 5 камери, три на задната и две на предната страна. На задната страна камерите вклучуваат сензори со 12, 12 и 16 мегапиксели, а една од главните карактеристики кај едната од нив е екстра широкиот агол на сликање, со што се добива можност да се „фати“ многу повеќе при сликање.

Сензор за отпечатоци и Power Share функција

Samsung конечно претстави уред со сензор за отпечатоци под екранот, повторно на предната страна. Чекањето, со оглед на тоа што не се први на пазарот, вредеше, па тие сега го имаат подоброто и побезбедно ултра звучно решение, па не интересираше како тоа функционира.

Отклучувањето на телефонот со овој сензор е брзо и лесно како што би сакале и очекувале од еден ваков уред. Потребно е мало време на привикнување, со оглед на тоа што сепак прстот не се става на копче, туку само на екранот, па нема веднаш да бидете сигурни колку треба да притиснете и колку време да го задржите прстот на него.

Фактот што се работи за подобриот ултра звучен сензор, влијае незначително на брзината, но затоа се добива повеќе во безбедноста. Иако има тврдења дека и овој сензор може да се „излаже“, сепак тоа не е баш така лесно како што се кажува, а сигурно не е лесно како кај оптичките сензори кои ги користи конкуренцијата.

Сепак, подолга лозинка се смета за најбезбеден начин за заклучување на телефонот, меѓутоа никој не сака да внесува 10 и повеќе букви и бројки на секое користење на уредот.

Уште една интересна и корисна функција со која доаѓа Galaxy S10+ е Power Share функцијата. Телефонот капацитетот на својата 4100 mAh батерија може да го сподели безжично со други уреди, со едноставно поставување на нив на задната страна од уредот. Ова е посебно корисно за сопствениците на Galaxy Buds или паметен часовник, па многу лесно ќе можат да ги дополнат своите помали уреди во одредени ситуации.

Камера

Иако конкуренцијата на овој план не е мала и слаба, сепак Samsung секогаш ги имале едни од најдобрите камери на пазарот. Секој година, новите S модели добиваат нешто ново кај овој дел од уредот, а S10+ ја има можеби досега најголемата надградба на камерата.

Samsung веќе одреден период користи вештачка интелигенција која го прави сликањето од мобилен телефон многу подобро во споредба со само до пред некоја година. ВИ покрај тоа што прави точна проценка за каква сцена се работи и соодветно ги прилагодува камерите и нивните поставувања, таа дополнително помага да крајната слика биде што е можно подобра.

Сигурно на некој којшто не се занимава со фотографија, да му го дадете најскапиот фото апарат, нема да може да извади слика добра како што тоа би го направил со мобилните камери кои се прилагодени за сликање од страна на „аматери“.

Сликите од Galaxy S10+ повторно ќе бидат едни од најдобрите на пазарот, а посебно се истакнува можноста за ултра широко сликање кое добро ќе се најде за тие што често сликаат панорамски слики од местата кои ги посетуваат.

Ова е новина која се воведува кај S10+, а јас би кажал дека Samsung паметно се има одлучено за додавање на дополнителна леќа која има реална функција и ќе придонесе за нешто што корисниците ќе можат да го забележат.

Вклучувањето на две камери и на предната страна покажува дека со Galaxy S10+ ќе може да се сликаат и одлични селфи слики кои ќе ги вклучуваат сите ефекти на кои сме научени веќе одредено време од задните, односно главните камери.

Камерата кај Galaxy S10+ се истакнува по одличните детали кои ќе ги забележите кога ќе седнете да ги разгледувате сликите, а посебно на компјутер. Сликата е чиста, тоа што е сликано перфектно се гледа и истакнува со своите бои и контраст.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Екран
Перформанси
Камера
Претходна статијаЛинкови од разни ќошиња на интернетот (#7)
Следна статијаКоја е македонската иновација која го освојува кинескиот пазар
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
galaxy-s10-recenzijaSamsung Galaxy S10+ е најновото и слободно може да се каже, најдоброто од Samsung. Тие со овој модел покажуваат дека конкуренцијата која станува доста сериозна, нема многу да успее да им наштети и да им привлече нешто посебно голем број на корисници. Верните фанови на Samsung продолжуваат да имаат причина зошто се имаат одлучено за овој бренд, а сигурно S10+ ќе привлече и нови корисници.