vreme-startap

Претприемништво не се учи теоретски. Да не се лажеме. Се учи во пракса. Од теорија се учат и помагаат само одреден број на работи кои можат да бидат корисни од аспект на дефинирање на идеја, иновација, бенефити, бизнис план, маркетинг стратегија, тим, регистрирање итн. И тоа е она што јас сакам да го пренесам, одредени работи кои генерално важат и се применливи за било кој бизнис, а кои тешко се наоѓаат, бидејќи е потребно време или ресурси. После тоа се доаѓа до раскрсница – дали ќе оживее бизнисот или ќе остане на хартија. Што ќе се случи, ќе зависи најмногу од претходната работа, волјата, упорноста, знаењето и жртвите кои ќе бидат вложени. Како и да е, едно е сигурно – не постои универзален водич кој бескомпромисно води до успех, кој апсолутно ќе ве заштити од сите пречки на патот или со кој брзо ќе си ги остварите плановите.

Никогаш не научив ништо од оние клише постови во стилот на “5 работи за успешен бизнис”, “Како да бидете успешен претприемач” и слични. Најдобро учиме од споделените искуства и тоа е нешто кое го применувам во пракса. Најмногу мразам кога имам проблем или кога барам совет да добијам експлицитна констатација што треба да направам. На моите пријатели секогаш им велам да ми раскажат животна ситуација која “шематски” наликува на онаа која во моментот ме тангира. Од нивното раскажување за тоа кои грешки ги направиле и како се соочиле со одредена ситуација, носам заклучоци за тоа што би можело да биде исходот во мојот случај и каква одлука да донесам зависно од проектираните сценарија. Затоа и начинот на кој се конципирани овие постови не наликува на листа со работи кои би требало да ги направите и куси образложенија за нив. Јас ќе се потрудам сите поважни работи да ги презентирам во поединечен пост и се надевам дека на крајот од #ВремеЕЗаСтартап, ќе имате јасна слика во глава за тоа што е стартап , во која фаза сте и во која насока сакате да одите.

Стартап не е фенси збор онака како што на многумина им изгледа отстрана. А и не е за сите – ако бидам брутално искрена. Написите за почетоците на Марк Цукерберг, Бил Гејтс и милионските суми кои ги постигнале лесно можат да предизвикаат погрешен впечаток, во споредба со она како одат работите во реалноста. Затоа и воопшто не ме изненадува тоа што во изминатиов период се изнагледав слики од новонастанати или идни CEO (Chief Executive Officer – највисока извршна функција во фирма). Луѓето некако се вљубуваат во титулата и си ја припишуваат уште пред бизнисот да почне да дава резултати и да ја заслужат истата во пракса. Доколку се пронајдовте во ова, нека не ви работи егото, па да се навредите. Едноставно, некои работи навистина одат постепено.

Следен проблем е изборот на идеја. Кај нас на факултет има неколку предмети кај кои се работат цели проекти кои имаат потенцијал да бидат основа за стартап. Проблемот во врска со тоа е што најголем дел од моите колеги се ставаат самите под притисок дека треба да смислат нешто јако. Точно е дека треба да се има солидна идеја. Тогаш зошто велам дека е проблем? Затоа што самиот начин на размислување уште во почетокот е комплетно погрешен. Идејата не се смислува. Оставете ги изјавите од типот “Let’s build some rockets”. Најдобрите идеи доаѓаат кога вистински сте инспирирани да решите некаков проблем. Да, проблем – проблем кој реално постои и ве засега вас, а и сите околу вас за почеток. Бар кај нас и те како можете да црпите инспирација. Во спротивно, ќе смислите проблем таму каде што го нема (или е субјективен, индивидуален) и многу веројатно дека ќе се вљубите во идеја која реално не е ништо посебно и малку веројатно дека ќе помине добро кај останатите.

Затоа, ајде една вежба. Ви давам 3 минути. Ако ви дадам повеќе, наместо да решите, ќе смислите проблем. Сакам да направите една ретроспектива на денешниот ден. Размислете што правевте денес. Дали нешто ве изнервира, ве успори, ви зеде пари, ве направи помалку продуктивни или организирани? Дали тоа може да се реши или дали има начин тоа да се ублажи? Да? А дали може тоа да се преведе во продукт или услуга? И уште поважно, дали уште некој ви се пожалил за истото? :)

Повеќе околу тоа дали е индивидуален проблем или не, како да добиете фидбек и слично, ќе зборуваме во наредниот пост. Во меѓувреме, навистина би сакала да ги читам вашите искуства и вашите размислувања :) Може да го користите и хаштагот #ВремеЕЗаСтартап.

Ииии, само уште нешто. Доколку првпат читате текст од #ВремеЕЗаСтартап, претходно зборувавме за:

Претходна статијаWindows 10 Mobile официјално достапен за корисниците на Windows Phone 8.1
Следна статијаOppo R9 и R9 Plus се смартфони од средно-високата класа кои имаат предна камера со 16 MP