Земјите од Западен Балкан имаат најлош квалитет на воздух во Европа, поради што ние, претставувајќи ја кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“, ги повикуваме надлежните државни институции и граѓаните во регионот, да спречат до 13.500 предвремени смртни случаи секоја година.

Повеќето од овие случаи се препишуваат на изложеност на ПМ честички, кои главно се произведуваат од термоелектрани на јаглен на Западен Балкан. Граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија
се подеднакво изложени на загадувањето на воздухот. Дел од овие честички во воздухот произлегуваат од постројки за греење што користат фосилни горива, фабрики и застарената технологија за загревање на домаќинствата.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ ја потенцира регионалната соработка како неопходност за трансформација на енергетскиот сектор и системот за заштита на животната средина, со што ќе се подобрат и економијата и јавното здравје.

ПМ честичките се поврзани со бројни болести, почнувајќи од оние кои влијаат на срцето и респираторниот систем, до дијабетес, неплодност и рак. Колку е помала честичката, толку полесно и подлабоко може да навлезе во телото. Владините буџети не ги отсликуваат огромните трошоци за лекување на последиците од загадувањето на воздухот и изгубените години на живот кај граѓаните, а продолжуваат финансиски да поддржуваат проекти во секторот за јаглен. Освен тоа, опасните супстанции и соединенија што се пренесуваат преку воздухот ги зајакнуваат климатските промени, со поплави, суши и болести, што се појавуваат како последица.

Во студијата објавена од HEAL, Sandbag, CAN Europe, CEE Bankwatch и Europe Beyond Coal, се наведува дека во 2016 година, 16 термоелектрани на јаглен на Западен Балкан, чијшто број останува ист до денес, испуштиле повеќе сулфур диоксид (SO2) од сите 250 вакви постројки што работат во Европската унија заедно. Додека термоцентралите во ЕУ се предмет на масовно затворање, Србија и Босна и Херцеговина остануваат посветени на своите планови за отворање нови.

Во ноември 2020 година, шесте земји заедно во Софија се обврзаа на Зелената агенда за Западен Балкан, со што презедоа обврска да ги следат политиките на ЕУ и нејзиниот европски зелен договор. Договорот предвидува достигнување на климатска неутралност, заедно со неутралност на јаглерод, до 2050 година.

Јагленот полека останува само лошо сеќавање на глобално ниво, бидејќи сега е веќе поисплатливо да се градат соларни централи и фарми со ветерници, отколку да се одржува мнозинството од постојните термоцентрали. Опремата за производство на енергија од обновливи извори станува драстично поевтина. Компаниите што произведуваат и користат јаглен се соочуваат со зголемени трошоци за добивање лиценци за емисија на јаглерод диоксид и усогласување со еколошките прописи.

Преку кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“, ние бараме од носителите на одлуки да ги насочат своите политики и да преземат итни чекори за намалување на загадувањето на воздухот, во согласност со нивните заложби за Зелената агенда за Западен Балкан, усвоени во Софија на 10-ти ноември 2020 година.

Зелената агенда за регионот подразбира регулирање на прекуграничното влијание на загадувањето на воздухот, усвојување стратегии за подобрување на квалитетот на воздухот, зголемување и унапредување на системите за мерење на квалитетот
на воздухот и вкупно елиминирање на субвенциите за јаглен . Напуштањето на употребата на јаглен за производство на електрична енергија е најважната мерка за подобрување на квалитетот на воздухот.

Дополнително, замена на котлите за греење во домаќинствата со еколошки почисти решенија, субвенции за соларни панели на покривите на куќите и зградите, како и проекти кои помагаат во подобрувањето на енергетската ефикасност, се чекори што исто така може да имаат значајна улога.

Претходна статијаA1 Xplore Music и Deezer лансираат нова ко-брендирана платформа за музика и подкасти
Следна статијаЕвропската политика за Huawei треба да се заснова на факти, тврди Дик Рош