Google

Приватноста на корисниците на интернет е една од поголемите теми која успева да остане актуелна долго време. Јасно е веќе одамна дека за успешното сервирање на реклами согласно интересите на корисниците, нивните навики се следат на повеќе начини.

Поради ова, повеќето интернет прелистувачи веќе одамна нудат можност за блокирање и заштита од ова следење на нивната активност, нешто што воопшто не е чудно што го привлече вниманието на Google, во основа компанија за реклами. Исто така, воопшто не изненадува што Chrome е еден од ретките прелистувачи кој не доаѓа со вграден систем за блокирање на интернет тракерите.

Јасно беше дека Google ќе работи во правец на задржување на можноста за таргетирано рекламирање, нешто што со право го нарекуваат дека е основата на интернетот и неговата содржина, притоа решавајќи го проблемот со приватноста.

Овој план тие го најавија уште од минатата година, името на функцијата која ќе стане дел од Chrome е наречена Privacy Sandbox, а сега имаме и повеќе информации за тоа како таа ќе функционира.

Во основа, FloC- Federated Learning of Cohorts, како дел од Privacy Sandbox, ќе функционира на начин што интересите на корисниците ќе ги групира во групи според истите и сличните интереси, наместо тоа да се прави за секој корисник посебно. Историјата на сурфање ќе биде зачувана само на уредот на корисникот, врз основа на која ќе се ставаат во групата, а колачињата ќе бидат и целосно блокирани, барем за оваа намена.

Со тоа огласувачите ќе можат да продолжат да ги пуштаат своите реклами на корисниците врз основа на нивните интереси, а корисниците ќе ја задржат својата приватност „губејќи се во гужвата“, како што истакнуваат од Google.

Од компанијата истакнуваат дека нивните тестирања покажуваат дека овој начин на рекламирање овозможува 95% од конверзијата која ја имаат продавачите со моменталниот систем со колачиња, што е одлично.

Privacy Sandbox е замислено да штити и од останатите начини на следење на корисниците, како што е познатиот fingerprinting, со што се очекува поголемо намалување на загрозување на приватноста на корисниците, без загрозување на начинот на функционирање на интернетот, односно веб страните и нивното финансирање.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.