Samsung gear

Иднината е во технологијата која што може да се носи и тоа е факт, но денешните такви уреди скоро целосно зависат од паметните телефони, со кои се поврзуваат преку Bluetooth и така ги примаат сите поважни информации, како нотификации, а ја користат и процесирачката моќ на паметниот телефон.

Samsung најавува решение кое нема да има потреба од паметен телефон за да работи, туку ќе биде целосен систем, опремен со помоќен процесор и цела плејада вградени сензори. Часовникот ќе може сам да се поврзе на интернет и така да ги добива информациите, односно дури и да прави повици. Во превод, на новиот паметен часовник на Samsung ќе може да се зборува како во Sci-Fi филмовите! Ова можеби делува кул, но секако не делува дека ќе биде особено удобно, бидејќи раката ќе мора да се држи во чудна положба. Покрај тоа, часовникот ќе има и камера за препознавање на лице и баркодови, технологии кои Samsung веќе ги има во паметните телефони.

Новиот модел инаку ќе се вика Samsung Gear A и ќе доаѓа во две верзии – претходно споменатата со можност за 3G поврзување, но и „обична“ верзија со Bluetooth поврзување, која ќе мора да се поврзе со смартфонот. Gear A ќе има кружен дисплеј, како паметните часовници на LG и Motorolla и со тоа ќе биде пионер во гамата на корејскиот производител. Ваквиот потег, иако веројатно делумно го ограничува користењето, е заради големата популарност и поубавиот изглед на кружните часовници.

Она што се поставува како прашање е како Samsung ќе успее да вгради доволно голема батерија за да може Gear A да издржи цел ден користење, а во 3G варијантата? Во време кога и паметните телефони не можат да издржат толку со десетици пати поголеми батерии, не би можело да се очекува еден мал часовник да го прави тоа… Но, да оставиме и да видиме дали Samsung има некое решение, односно иновација која ќе може да го овозможи тоа.

Извор: TechRadar

Претходна статијаWIZZ AIR воведува можност за селекција на седиште
Следна статијаНова, побезбедна батериска технологија која овозможува супербрзо полнење