Технологијата полека, но сигурно ќе почне и буквално да ја носиме залепени на нашата кожа – MC10 е компанија за здравствена грижа, која разви токму два такви сензори, кои ќе можат да мерат неколку различни параметри – првиот за испитување на движењето на екстремитетите кај оние со ограничено движење, додека вториот за тоа колку корисникот прима UV радијација во текот на изложувањето на сонце.
Овие сензори ќе бидат всушност фластери, но барем имаат помодерен дизајн. Сепак, нивната намена е она што е најважно во случајов. Првиот производ, BioStampRC, ги има сите сензори што ги имаат модерните смартфони – акцелерометар и жироскоп во 6 оски кои детектираат движење во сите насоки и електроди кои можат да измерат EMG и ECG параметри, кои се всушност електричната активност предизвикана од движењето на мускулите и електричната активност на срцето. Сите овие параметри можат да се искористат за константно следење на движењето на екстремитетите кај луѓето со ограничено движење.
Фластерот инаку има вградена меморија, која податоците може да ги пренесе на паметен уред преку Bluetooth Low Energy. Вградената батерија на уредот трае до 36 часа, што со оглед на димензиите и сите вградени сензори е импресивно. BioStampRC ќе биде отворен за најразлични истражувачки тимови, односно на база на неговите податоци, може да се развијат многу различни мобилни апликации, зависно од потребата.
Вториот производ, My UV Patch, се користи за мерење на UV радијацијата која корисникот ја прима од сонцето, на пример при сончање. Уредот ја менува бојата колку подолго корисникот стои на сонце, но ако се грижите за тоа, нема да ви ја „ишара“ кожата, бидејќи е инаку транспарентен. Корисникот може да провери колку UV радијација примил со сликање на My UV Patch со својот смартфон, преку специјално развиена апликација.
Уредот може да комуницира и со NFC (Near Field Communication), со смартфоните кои го поддржуваат тоа. Интересно, MC10 најавува дека овој уред може да го начекате како промотивен подарок со производите на L’Oreal, па изострете го погледот нареден пат кога ќе одите во шопинг и кога ќе поминете покрај нивните производи.