Паметна или „паметна“, технологијата полека навлегува во секоја можна пора на нашето постоење. Од паметни телефони, преку паметни часовници, паметни автомобили, паметни домови, па се` до паметни нараквици.
Сепак, повеќето од нив се светкави и наменети за генералната публика. Ретко се наоѓа некоја нараквица која може да им послужи на професионалните спортисти и атлетичари. Таква е А360 во производство на компанијата Polar која е позната по уреди за мерење на срцева активност уште од 70-ите години на претходниот век (тие се создавачи на првиот ЕКГ монитор).
Така што, не е ни чудно што A360 има првокласен мерач на срцева активност кој се наоѓа на нејзината внатрешна страна. Притоа, ви се дава избор да го баталите тој мерач и со нараквицата да користите мерач кој е закачен на торзото и мери уште поточно.
A360 го покажува времето и количеството на достапна енергија од батеријата. Додека вежбате екранот покажува до каде сте моментално со вежбата и колку брзо ви чука срцето, а нараквицата овозможува следење на активности кои се наоѓаат и внатре – како вежбање со тегови или со телесна тежина, на пример. Во меѓувреме, кога не вежбате покажува колку чекори сте направиле, ви го следи спиењето и сите други слични активности типични за вакви уреди.
Сите информации се складираат во вашата Polar Flow сметка каде можете да прегледувате статистики околу вашата успешност и да ги споредувате со целите кои си ги имате поставено (на пример, да истрчате 5 километри следниот пат на патеката). А360 ги пренесува известувањата од телефонот (засега само iPhone, но наскоро и од Android), но во себе за жал нема GPS/ГЛОНАСС, па нема да можете да мерите прејдено растојание преку него. Секако, ќе можете преку телефонот.
Цената на А360 ќе биде 199 долари, па ако сакате издржлива нараквица наменета за спортисти ќе можете да си ја нарачате во блиска иднина.
Извор: ArsTechnica, CNet