Паметните часовници кои што веќе се достапни за корисниците од повеќе производители, сепак се’ уште не се покажуваат привлечни за повеќето корисници. Тоа значи дека нема да видите многу луѓе кои што го замениле својот обичен рачен часовник, за некој од новите паметни модели.
Сепак, ова не значи дека паметните часовници ќе ги снема или дека ќе се покажат како неуспешен експеримент. Потребно е само да помине време, а се разбира тука е и еден од клучните фактори за нивната популарност, времетраењето на батеријата.
Во меѓувреме, се појави уште една категорија на паметни часовници која што можеби ќе се покаже како попривлечна за поголемиот дел од корисниците. Се работи за обични часовници на кои што им се додаваат паметни функции. Со тоа, тие ја задржуваат нивната основна и главна функција, како и изглед, меѓутоа додаваат нешто повеќе за модерните времиња.
Movado е швајцарски производител на часовници кој што во соработка со HP, го претстави Movado Bold Motion, класичен модел кој што во него вклучува компоненти кои што го ставаат во паметната категорија.
Интересно, часовникот нема екран, како што би очекувале од еден паметен уред. Тој навистина е класичен часовник и таа негова одлика останува во преден план.
Она што го прави паметен е делот за кој што е задолжен HP, преку нивната Designed by HP програма. Часовникот има можност да се поврзе со паметен телефон, поточно со мобилната апликација која што е достапна за iOS и Android. Поврзувањето се прави преку Bluetooth конекција и овозможува испраќање на известувања од телефонот на часовникот.
Поради тоа што часовникот нема екран, известувањата се добиваат во форма на вибрации и вклучување на LED сијаличките на часовникот. Корисникот сам прилагодува која комбинација на светла и вибрации ќе се однесуваат на кој вид на нотификација, односно дали се работи за повик, порака, состанок и слично.
Часовникот во себе исто така има вградено и сензор кој што ги мери направените чекори и статистиките ги прикажува на мобилната апликација.
Во основа, се работи за еден навистина интересен концепт кој што овозможува задржување на класичниот изглед на часовникот и неговите основни функции, притоа додавајќи неколку основни паметни функции. Паметните часовници и така моментално се користат во главно како додаток на телефоните, па до нивниот поголем развој, како и достапните апликации, ваквите концепти може да се покажат како поуспешни.
Movado Bold Motion не е евтин уред, па истиот ќе се продава по цена од 795 долари. Сепак, ваквите цени не се ретки кај подобрите модели на класични часовници, па кога на тоа ќе се додадат и компонентите од HP, цената не изненадува.