После години чекање, посебно по купувањето на Fitbit, Google официјално на пазарот има свој паметен часовник. Pixel Watch веќе беше делумно прикажан од страна на Google, па сега ги имаме сите функции со кои доаѓа овој часовник.

Како што можеше да се види и претходно, Pixel Watch е кружен часовник според дизајнот, а од Google истакнуваат дека тој е инспириран од класичните часовници. Од десната страна се забележува само „круната“ за контрола, па заедно со тенките димензии и заоблен екран, Pixel Watch навистина е направен како класичен часовник.

Од Google го замислуваат часовникот како се носи во било која ситуација, од излегување на вечер, до состаноци, вежбање, па се до спиењето со него за што е посебно удобен.

Pixel Watch посебно се истакнува кај механизмот за вадење и ставање на ремчињата, за кој од компанијата истакнуваат дека е инспириран од тоа како се поставуваат леќите кај камерите. Се што треба да се постави ремчето кај Pixel Watch е да се стави во часовникот и да се сврти часовникот малку додека не излезе механизмот кој го држи.

Очекувано, Pixel Watch работи на Wear OS 3.5, а овој оперативен систем сега е развиен во соработка со Samsung, па и двете компании добија нешто што е подобро од претходните верзии.

Како што би очекувале од систем развиен од Google, доста голем акцент е ставен на Google Assistant кој може да се користи од часовникот исто како на мобилните телефони. Со тоа корисниците ќе можат да го контролираат својот паметен дом, меѓу другите функции кои ги овозможува овој „асистент“.

Тоа што можеби доста корисници го чекаа е искористување на познатите Fitbit во производ од Google, со оглед на тоа што тие се сега сопственици на оваа компанија. Како дел од достапните функции се истакнуваат мерењето на пулсот, а посебно зоните на пулс кои се доста корисни како информација за тие што почесто вежбаат. Мерењето се прави секоја секунда доколку е тоа избрано, а со помош на машинското учење Google тврди дека го има најточното мерење на пулсот со Pixel Watch.

Часовникот доаѓа и со можност за мерење на ритамот на срцето, односно ECG функцијата заедно со Atrial Fibrillation. Тука е и мерење на фазите од спиењето, а посебно се истакнуваат 20 милијарди часови измерени со Fitbit уредите.

Што се однесува до останатите карактеристики, Pixel Watch доаѓа со изработка од нерѓосувачки челик, екран со големина од 41mm во дијаметар, 320ppi екран изработен во AMOLED технологија и always-on функција. Батеријата е со капацитет од 294 mAh која според Google треба да издржи 24 часа на едно полнење.

За Pixel Watch може да се каже дека не донесува ништо ново и посебно на пазарот, но конечно го донесува Google со часовник кој ќе им понуди избор на корисниците, а посебно тие кои ја бараат интеграцијата со Google и Fitbit.

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаGoogle ги претстави Pixel 7 и Pixel 7 Pro телефоните
Следна статијаКако можел да изгледа Windows 8 пред изборот на верзијата која беше официјално пуштена
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.