На својот настан кој беше закажан за денес, Google ја претстави наредната генерација од нивните Pixel смартфони. Како и секоја година, неофицијалните извори, но и самите Google, објавуваат доволно да настанот е само тука да ни потврди и официјално ни ги покаже уредите.

Pixel 7 и Pixel 7 Pro не се огромни надградби во споредба со ланските модели, а како што знаеме, иако производителите пуштаат нови модели секоја година, исто како порано, главните новитети доаѓаат на 2 до 3 години, сепак.

Двата телефони работат на втората генерација од чипот кој сега Google самите го развиваат, Tensor G2, како и М2 чипот за безбедност кој од Google посебно го истакнуваат. Ланската верзија од Tensor не се покажа којзнае како во тестирањата, па ќе видиме какви ќе бидат резултатите оваа година, иако уште од самиот почеток се знае дека Tensor G2 е само мала надградба.

Новите Pixel 7 телефони доаѓаат со Android 13 верзијата и сите новини кои можевме досега да ги видиме на веќе достапниот оперативен систем. Како и секогаш, по некоја функција од Android е специјално достапна на Pixel уредите, а тоа посебно важи за Photos апликацијата и камерите.

Tensor G2 чипот е направен во 4nm технологија и доаѓа со осум јадрен процесор. Двата модели се разликуваат во меморијата, па така Pixel 7 има 8GB RAM и 128/256GB UFS 3.1, додека Pixel 7 Pro има 12GB RAM и 128/256/512GB UFS 3.1 простор за податоци.

Двата модели се разликуваат секако и во големината на екраните, па Pixel 7 доаѓа со 6,2 инчен екран со резолуција од 2400 на 1080 пиксели, а со тоа се добива нивна густина од 416 пиксели на инч. Pixel 7 Pro доаѓа со 6,7 инчен екран со резолуција од 3120 на 1440 пиксели и нивна густина од 512 пиксели на инч.

Помалиот модел има стапка на освежување од 90 херци, додека поголемиот, про модел има LPTO OLED екран со стапка на освежување од 120 херци и до 1500 нити врв на светлина.

Камерите кај Pixel 7 се две со 50 мегапиксели кај главната и 12 мегапиксели кај ултра широката камера. Главната камера користи технологија за спојување на четири пиксели, Quad Bayer, има големина на пиксел од 1,2 микрометри и f/1.85, како и големина на сензорот од 1/1.31”.

Фокусирањето на сликата се прави со помош на ласер, а достапна е и оптичка стабилизација на сликата.

Pixel 7 Pro доаѓа со три камери и тоа 50 мегапиксели кај главната, 12 мегапиксели кај ултра широката, како и 48 мегапиксели кај камерата за поголемо зумирање. Главната и „телефото“ камерите ја користат Quad Bayer технологијата, а и кај овој модел се користи ласерското фокусирање на сликата.

Двата модели имаат предна камера со 10,8 мегапиксели.

Ексклузивната функција која е достапна преку Photos апликацијата само кај Pixel уредите оваа година е Photos Unblur и истата користи машинско учење за да ги избистри сликите кои не се баш најдобро сликани, односно се заматени.

Повторно, за жал, Pixel телефоните не се официјално достапни во нашата земја, иако не ретко се достапни во мобиларите.

Претходна статијаFacebook воведува две нови копчиња за контрола на објавите кои се прикажуваат
Следна статијаGoogle конечно го претстави својот прв паметен часовник Pixel Watch
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.