Пред почетокот на CES 2022, Samsung ги претстави моделите за оваа година од нивните телевизори, односно нови модели од сите категории, Micro LED, QLED и одличните и уникатни The Frame, The Sero и The Serif.
Сите овие телевизори добиваат подобрувања во споредба со ланските модели, а посебно внимание е посветено и на софтверскиот дел каде корисниците ја откриваат содржината која сакаат да ја гледаат, оваа година засилен и со достапност на игри од познатите сервиси Nvidia GeForce Now, Google Stadia и Utomik.
Една од новините „се протна“ низ вестите, а може да се каже дека е доволно интересна за да биде пренесена. Се работи за втората верзија од Eco Remote кој минатата година дојде со соларен панел за полнење од сончева, но и светлина внатре во домовите.
Оваа година, Eco Remote може да се полни со претворање во енергија на радио брановите кои доаѓаат од рутерите кои скоро секој дом ги има. Ова овозможува да батеријата успее да го задржи своето полнење подолго време, па корисниците скоро и да не треба да го полнат својот далечински управувач на стандардниот начин преку USB.
Енергијата која се добива на ваков начин секако е доста слаба, а тоа е и причината зошто не ја гледаме интегрирана во повеќе уреди. Далечинските не се користат често, а и енергијата која ја имаат како потреба е доста ниска, па ваквата технологија е одлично решение за нив.