Кампирањето е многу убава работа, ама реално, кој денес навистина може неколку дена да издржи без најновата епизода од омилената серија? Flicks ќе се погрижи да бидете во тек дури и кога сте високо на планината, со HD слика и квалитетен звук, преку Bluetooth, односно HDMI конекција. И не само тоа, туку овој уред дури и ќе ве натера да одите на кампирање, бидејќи, да бидеме реални, кој не би сакал да гледа добар хорор филм во некоја напуштена шума?!
Со батерија која трае одлични 4 часови при репродукција на видео, односно 28 часови при репродукција на музика, уредот за забава на отворено на Flicks овозможува реално гледање на два филмови, односно два дена непрекинато слушање музика. За оние што сакаат да поминат скоро една недела во дивината, Flicks Extended Range батеријата дозволува дуплирање на времето на репродукција на дури 8 часа и 56 минути за видео, односно скоро 60 часа за музика. Импресивно.
Што се однесува до самиот проектор, истиот има просечни перформанси, со HD резолуција, односно 1280х720 пиксели и светлина од 700 лумени, што значи дека не е доволно светол за да прикаже јасна слика преку ден. Не дека некој ќе го прави тоа, нели. Flicks ветува дека проекторот е доволно добар за јасна слика со големина на дијагоналата од 100 инчи, кога би се гледал на оддалеченост од околу 2,5 метри. Сепак, се чини најголем проблем ќе биде каде да се репродуцира видеото, иако на прв памет паѓа дека може да се искористат бели чаршафи, односно внатрешноста или надворешноста на некој поголем шатор.
Покрај HD видеото, Flicks ветува одличен “Hi-Fi” звук, благодарение на употребата на сабвуфер за длабоки басови и два стерео звучници за средните и високите тонови. Flicks може да репродуцира музика само преку Bluetooth конекција, што значи дека е доволен и паметен телефон, но за пуштање на видео содржини ќе мора да се искористи HDMI интерфејсот, за што веројатно ќе треба некој подобар таблет или лаптоп. Или пак Roku и Fire TV стикови (за кои е потребен интернет).
Цената на Flicks изнесува 450 долари, односно 530 долари за верзијата со поголема батерија (Extended Range) плус трошоци за испорака. Мултимедијалниот уред е инаку се уште во Indiegogo фаза, но веќе се собрани скоро сите потребни средства, што значи дека со стопроцентна сигурност може да се потврди дека уредот ќе почне да се испорачува од Мај оваа година.
Извор: Digital Trends