За сите оние кои имаат проблеми при заспивање, би било одлично да постои некое решение кое може да ги блокира надворешните звуци, а во исто време и директно помага да заспијат преку пуштање на разни звуци (на пример, од дожд) кои природно го носат човековиот мозок кон опуштеност. Проблемот со стандардните вакви решенија е што или треба да се носат слушалки со кабли кои се непрактични за спиење или да се пуштаат ваквите звуци од надворешни извори кои можат да му сметаат на колегата/колешката во бизнисот на спиење.
Затоа напомош доаѓа компанијата Hush. Тие започнаа кампања за надворешно финансирање (Кикстартер проект) преку која сакаат да соберат доволно средства за да го остварат својот нов предлог на ваква алатка за помош при спиење. Имено, нивната идеја е да спојат стандардни ушни тампони направени од пена заедно со мини-слушалки вградени во пената. Слушалките ќе си имаат сопствен извор на енергија и нема да бидат споени со жици туку целиот уред ќе биде сместен во двата тампони. На овој начин, покрај тоа што самата пена овозможува блокирање на доста од надворешните звуци воедно се овозможува преку слушалките да се пуштаат најразлични звуци бидејќи можат да бидат контролирани преку апликација од вашиот мобилен телефон.
Кога сме веќе кај содржината на звуците, апликацијата овозможува да се користат стандардните маскирачки звуци како бел шум, дожд и слични, но и нестандардните како бинаурални удари кои овозможуваат да се смени фреквенцијата на мозочните бранови и полесно да се потоне во сон. Апликацијата исто така овозможува местење на аларм кој ќе ве разбуди наутро или кога и да треба, а позитивното со ова е што вашиот соспанко нема да го чуе, туку само вие.
Hush досега не само што го има постигнато бараниот влог од 100 илјади долари туку и го имаат и повеќе од дуплирано, па сега имаат собрано дури 274 илјади долари! Очигледно дека има многу луѓе кои имаат проблеми со надворешни звуци при своето спиење. Интересното ќе биде да се види ваквиот хардвер хакиран и употребен за комуникација при гласни околини, како на пример, да можете да разговарате и да се најдете со некој ваш другар за време на некоја журка или концерт.
Ако сакате да го поддржите Hush се` уште можете да донирате средства, со тоа што ако донирате барем 115 долари ќе бидете во можност да добиете еден пар Hush и три пара од тампоните кога ќе бидат готови и произведени.
Извор: Cnet, Kickstarter