dnews-files-2015-10-tractor-beam-151028-670-jpg

Научната фантастика има дадено инспирација за создавање на илјадници иновации и технолошки и цивилизациски чекори. Од одење на Месечината, преку ласерски оружја и беспилотни летала до материјали за „невидливост“, писателите создаваат измислени светови кои често се базираат на издржани основи и треба време да помине за да се остварат.

Токму тоа се случи деновиве кога еден тим на научници демонстрираа функционален влечен зрак кој потсеќа на ваквата технологија од серијата Star Trek. Добро, има неколку суштински разлики меѓу двата бидејќи за разлика од тој во Star Trek кој работи преку користење на подпросторна интерференца (не прашувајте не` што точно им значи тоа на авторите), овој влечен зрак работи на акустични принципи.

Интересното е што системот на работа е сличен. Се работи за неколку звучни бранови кои се точно насочени во различни „форми“ од систем на резонатори на ултрависоки фреквенции. Постојат три типа на форми: кафез, пинцета и вртачи; и сите се градат преку спарување на звучни бранови од повеќе звучници на фреквенција од околу 40 илјади херци.

Тоа значи дека брановите не можеме да ги чуеме, како позитивна карактеристика (бидејќи би биле многу гласни). Од друга страна, тоа значи дека тие не се ефикасни за движење на предмети поголеми од неколку милиметри бидејќи предметите треба да бидат помали од должината на звучните бранови (звучни бранови на 40 килохерци имаат должина од околу 9 милиметри).

Како и да е, за мали пластични предмети овие се покажале сосема доволни да се привлекуваат, движат и вртат предметите, па дури и да се задржуваат во лебдечка состојба и кога машината е свртена. Погледнете го видеото кое го закачивме за да сфатите за што точно станува збор.

Засега овој „влечен зрак“ нема да има којзнае колкава практична примена, но засега… Можеби во иднината ќе имаме цели фабрики кои ќе произведуваат, пакуваат и доставуваат предмети во лет преку користење на акустичен влечен зрак.

Следниот пат кога некој ќе искоментира дека научната фантастика е „глупости“ покажете му го овој текст. Или ПЕТ одлични кратки СФ раскази на кои вреди да потрошите 10 минути од вашето време, одлична листа направена од двајцата Бојановци во нашата редакција.

Извор: The Next Web, Discovery

Претходна статијаHonda Clarity – Силен влез во пазарот на автомобилски горивни ќелии
Следна статијаOnePlus X – Луксузна изработка, моќни спецификации и цена од само 249 долари