Водородот е најзастапениот елемент во галаксијата поради тоа што е наједноставен. Ѕвездите веќе милиони години го користат како извор на енергија, па редно време е и ние, нели? Сепак, не е така лесно како што изгледа.
За проблемите со водородот веќе сме пишувале. Во главно се работи за начинот на складирање на истиот и негово добивање. Производителите на автомобили моментално повеќе се посветени на електрични автомобили, но некои се обидуваат да ги спојат двата концепта во еден.
Па така го добивме Honda Clarity Fuel Cell, автомобил кој е електрично возило, но во исто време добива енергија од водородни горивни ќелии. Горивните ќелии создаваат електрична енергија која се насочува во батеријата, а од батеријата се користи за движење на возилото.
Со еден резервоар Clarity има автономија од околу 700 километри, а горивните ќелии имаат моќност од 100 кВ. Honda секако не го „баталила“ изгледот на автомобилот, па тој изгледа одлично како што е обичај за овој производител.
Инженерите на оваа компанија успеале доволно да ја смалат големината на ќелиите (за околу една третина) за тие да можат да бидат сместени под возилото, како и стандардниот резервоар за гориво. Тоа пак значи дека сега има повеќе место внатре.
Позитивната работа со возилата кои користат водород е што се полнат неверојатно брзо. За да го наполните цел резервоар на Clarity ќе ви требаат само 3 минути! Засега цената на Clarity ќе биде околу 63 илјади долари (7,66 милиони јени), а на пазарот се очекува да стигне во 2016 година.