cloaking_970_80

Досега на СмартПортал сме пишувале за разни технологии кои овозможуваат „невидливост“ или барем се трудат да го постигнат тоа. Тоа најчесто се постигнува со паметно пренасочување на светлосните зраци или другите типови на електромагнетно зрачење кои кружат околу некој објект и продолжуваат како да тој не бил таму никогаш, практично остварувајќи „невидливост“.

Објектот секако останува да постои, но за нашите очи или сензори не претставува пречка на патот на зраците и соодветно, е „невидлив“. Досега остварувањето на овој ефект изискуваше големи слоеви на материјали-пренасочувачи на зраците, кои често во себе имаат материјали-метали. Поради ова пренасочувањето не е целосно ефикасно, па ваквите уреди се сметаат за такви со „губитоци“ (lossy) на квалитетот на светлината. Поради ова можеше да се забележи кога некој предмет е вака скриен бидејќи на местото има очигледно намалување на јачината на светлината, контрастот или некоја друга карактеристика која е забележлива.

Со најновиот материјал-маска за невидливост развиен од тефлонски листови, во кои има многу мали керамички цилиндри, светлината се пренасочува скоро „совршено“ т.е. има многу мал губиток на јачината бидејќи скоро ништо од влезот не се апсорбира во материјалот и бива пренасочен кон другата страна (lossless). Воедно, поради тоа што се работи за тефлонски листови самиот уред е многу тенок, за разлика од највеќето направени до сега.

Засега новиот изум за „невидливост“ може да скрие предмети кои лежат на рамна површина, но секако се работи на подобрување на неговите карактеристики. Инаку, на дизајнирањето на маската се работело со компјутерски симулации со кои се тестирале различни материјали и нивните карактеристики за вакви пригоди. Со тоа се открило дека преку менување на висината на секоја диелектрична честичка (претпоставуваме се мисли на керамичките цилиндри) може да се контролира како точно ќе се рефлектира светлината која влегува во маската.

Како што ќе рече големиот Артур Кларк, „Секоја доволно развиена технологија не може да се разликува од магија“. Очигледно со развојот на технологијата итаме натаму, а маските за невидливост се еден од тие сегменти кои личат на магија.

Извор: TechRadar, TechTimes

Претходна статија10 годишнина од купувањето на Android од страна на Google
Следна статијаНаучниците успешно поврзаа мозоци на мајмуни и глодари