running-573762_640

Добредојдовте на првиот дел од нашата анализа на влијанието на модерната технологија врз здравјето и водењето здрав живот кај нас, луѓето.

Многу од оние кои ги следат овие теми би рекле дека технологијата има позитивен ефект врз здравјето, но негативен ефект врз водењето здрав живот. Разликата меѓу двете постои, секако. Додека позитивниот ефект врз здравјето се гледа преку значително подобрените алатки и здравствени апарати кои вршат најразлични функции (на пример, напредни технологии за создавање на лекови или хируршки интервенции), негативниот ефект се гледа преку се` поголемата физичка неактивност, а психичка и емоционална преплавеност, кои влијаат доста негативно врз нашата способност за функционирање и живеење долг, исполнет и среќен живот.

За среќа постојат позитивни решенија. Со развитокот на платформите за преносни уреди дојде и развитокот на илјадници апликации, дополнителни уреди, спортски водилки и така натаму кои можат да ви помогнат побргу од било кога претходно да станете од столчето, да го активирате телото и да постигнете значајни резултати.

Токму поради тоа, во овој прв дел ќе пишуваме за неколку апликации кои можат да ви помогнат да ги постигнете вашите спортски цели и да започнете/продолжите со здравиот начин на живот.

Запомнете: во секоја работа, па и во водењето здрав живот најбитна е волјата и донесувањето одлука дека тоа ќе го постигнете. Се` понатаму е лесно.

1. Accupedo (Android/iOS) – 10.000 чекори дневно го држат докторот на страна

ACCSCREEN1

Пред да се посветите на позначајни спортски активности мора да ги имате под контрола основите. Една од основата на здравиот живот е редовното, неинтензивно движење. Според студии кои се занимавале со оваа проблематика минимумот на чекори кои треба да го направите дневно е околу 8.000. Без разлика што минимумот е 8.000, студиите утврдиле дека колку повеќе пешачите толку подобро. Магичната бројка и ваша цел би била да направите 10.000 чекори во просек секој ден.

За да ви помогне во оваа мисија тука е Accupedo, прекрасна апликација за вашиот телефон. Таа со помош на сензорот за гравитација (accelerometer/gravity sensor) ги мери вашите чекори додека одите насекаде без да мора да купувате посебни мерачи.

Покрај ова, таа редовно ве потсетува да правите чекори ако не сте направиле доволно во текот на денот, а нуди и опција за преглед на статистика по денови, недели, месеци и години. Accupedo е бесплатна во својата основна варијанта, а постои за Android и iOS. Поедноставно следење на вашите чекори во денот – амин!

Каков ефект имаат 10.000 чекори дневно? Од ангажирање на кардиоваскуларниот систем, до подобрување на кондицијата, тонусот на мускулите, па дури и подобрување на интелигенцијата и размислувањето – сето ова се должи на активно движење во текот на денот. Па, што чекате?!

2. MyFitnessPal Calorie Counter (Android/iOS/Windows) – ние сме тоа што го јадеме

best-android-apps-for-doctors-calorie-counter-myfitnesspal-1205231

Втората есенцијална компонента на живеење здраво е здравата храна. Денес најдостапната храна е практично најштетната за нас, полна со непотребни, па дури и штетни јаглехидрати/шеќери (како леб, благи работи, паста, пици итн. кои многу негативно влијаат врз инсулинот, телесната тежина, расположението, здравјето на забите, шансите за развивање рак, па и на други болести како дијабет).

Дополнително, производителите ги вадат Омега-3 маснотиите од храната бидејќи така успеваат да ја конзервираат на подолго време – но создаваат опасна нерамнотежа меѓу Омега-3 и Омега-6 масните киселини, што пак предизвикува еден куп негативни појави…

Постојат и други негативни појави и болести кои се појавуваат со денешната широкодостапна храна. За среќа, постои MyFitnessPal Calorie Counter кој ќе ви помогне да водите сметка за тоа што јадете и така да го контролирате и подобрите.

Тоа што Calorie Counter може да го направи и што ја дели од други апликации е својот скенер на артикли. Штом (сакате да) купите некој прехранбен производ можете да го искенирате бар-кодот и ќе ви каже каков прехранбен состав има – колку јаглехидрати, масти и белковини содржи, колку калории и така натаму.

Се` што сте искенирале можете да го сместите во дневното мени кое се го конзумирале, и така да изброите колку калории сте изеле и дали сето тоа било доволно здраво за вас. Calorie Counter постои за Android, iOS и Windows и работи одлично, така што ја имате нашата препорака да ја инсталирате и да превземете контрола врз тоа што го јадете.

3. RunKeeper (Android/iOS) – за месец дена до својот прв полумаратон

tracking-screens-hoto

Сакате да можете истрчате барем 1 километар? Што велите за 5? Полумаратон? Маратон!? Двоен маратон?! Во постигнувањето на било која од овие цели (кои би требало да ги освојувате прогресивно како што се напишани) ќе ви помогне RunKeeper.

RunKeeper е апликација која е наменета пред се` да ги следи вашите активности во трчањето и да ве бодри да постигнувате повеќе секој пат. Апликацијата следи каде трчате, па можете да си ја видите патеката на мапа. Таа брои минути и километри и ве известува кога ќе поминете одреден број со информации околу вашата брзина, растојание кое сте поминале и така натаму. Можете да прегледате статистика и да ги споделите своите достигнувања на мрежата (никако без тоа).

За месец дена до својот прв полумаратон (21 км). А за после тоа, само ѕвездите се границата…

RunKeeper за Android, iOS

4. Stronglifts 5×5 (Android/iOS) – во цврсто тело здрав ум и самодоверба

5x5_edit-977x567

Отсекогаш сте сакале да започнете со дигање тежини како вежба, но не сте знаеле каде точно? Сакате да си изградите домашна теретана бидејќи трошоците во некоја туѓа ви се преголеми? Сакате да го развиете телото во изглед, цврстина и енергичност, а во меѓувреме да ги решите некои проблеми како згрбавеност и болки во `рбетот? Stronglifts 5×5 е решението.

Stronglifts 5×5 е апликација која ќе ви овозможи самостојно вежбање на само 5 вежби со слободни тежини во теретана или по дома. Вежбањето на овие 5 вежби ќе ви овозможи развивање на целото тело, оцврснување, зголемување на самодовербата, подобрување на изгледот, зголемување на тестостеронот кај мажите и поголема физичка спремност за секојдневните активности.

Апликацијата ви го следи напредокот со тежината и прогресивно ве притиска да дигате повеќе секој пат (обично по половина килограм). Ќе се зачудите до колку можете да стигнете. За оние кои веќе вежбаат, напредок до дигање на 80-100 килограми (на вежбите мртво дигање и клекнувања) за месец-два се реални и изведливи.

Дали навистина само 5-те вежби се доволни за вежбање на целото тело? Финтата е во тоа што се работи за вежбање со слободни тежини и со природни, непопречени движења на телото и мускулите со употребување на барем два зглоба. Ова значи дека со секоја вежба истовремено се вежбаат повеќе групи на мускули и не се прават изолирани вежби (што е во принцип некорисно, изгледа смешно, а може да биде и штетно).

Наскоро ниту 100 килограми на плеќи нема да ви изгледаат како којзнае што.

AndroidiOS

5. МојВоздух (Android) – бегајте од загаден воздух за долг и здрав живот

0pb-GWkcziwqmjxtHkMhK8xeSMpx9hdAXo3txc6JF85XUwBHvy_uK-4wGpP_5l7ApnY=h900

Загадениот воздух убива. Во светот умираат дури 7 милиони луѓе годишно (1 во 8 луѓе), а во Македонија 1.350 луѓе годишно. Бројот на луѓе кои не умираат, но развиваат негативни појави и болести поради загадениот воздух (астма и белодробни нарушувања, главоболки, тешкотија за концентрација, рак на бели дробови, премаленост, хроничен замор итн.) се барем 10 пати повеќе од смртните случаи.

Главни причина? Работење на фабрички постројки без филтри за издувните гасови, преголемото користење на автомобилите и, секако, загревањето на домови со огнени печки (да, вас ве гледам под око луѓе од Лисиче, Ѓорче, Дебар Маало и останатите). Последната причина е трагична особено земајќи предвид дека греењето на електрична енергија е најевтино, поевтино од трошењето на огревно дрво и од било кој друг начин на греење, ако е изведено на паметен начин.

За да го следите нивото на чистина (или, да не речам, нечистина) на воздухот надвор постои македонската апликација МојВоздух. Таа ќе ви каже кога е безбедно да се излезе надвор, а кога ве демнат астма и рак на бели дробови на секој чекор (особено во зима). За да го прочистите воздухот кој го дишете можете да нарачате маски, а авторот на овој текст наскоро ќе почне да произведува чистачи за домашен воздух кои до 95% од ПМ10 и ПМ2,5 честичките ќе ги прибира овозможувајќи ви чист воздух, така што слободно обратете се со коментар подолу ако сте заинтересирани за истите.

Симнете ја Мој Воздух за вашиот телефон.

 

Се надеваме дека ви се допадна нашиот мал осврт кон полезни апликации за започнување и одржување на водење на здрав живот. Тешко е само да се почне, а потоа се` оди како подмачкано кога ќе ви влезе во навика и животна философија.

ЗАБЕЛЕШКА: оваа анализа ќе биде надополнувана со нови корисни апликации како што ќе се појавуваат и авторот ќе оцени дека се достојни да бидат спомнати.

Претходна статијаFacebook со 8 милијарди прегледи на видеа и 1 милијарда активни корисници дневно
Следна статијаSamsung претстави два супер лесни Windows 10 лаптопи од Ativ серијата