Технологијата на панцири т.е. заштитни одела во воени и полициски услови досега во главно се базираше на цврсти материјали како кевлар, челик и слични, кои секогаш се цврсти и тешки. Нивната цел е при удар од проектил како што е куршум да го одбијат и така да го заштитат тој што го носи оделото.
Проблемот во овој концепт е што ваквите одела се многу тешки и незграпни, додаваат десетици килограми кон целата опрема на војниците/полицајците, и поради тоа што се толку тешки не можат да се постават на сите делови од телото туку само на некои критични (како на пр. на трупот).
Во меѓувреме повеќе компании и научни институции, меѓу кои и Моратекс институтот за безбедносни технологии од Полска, работат на таканаречени течни штитови. Во нивната изработка користат материјал кој е течност или гел, и кој при судир со проектили или остри предмети (нож, клинец…) се сцврстуваат на местото на продор и не дозволуваат поминување. Според тоа, овие течности не се Њутнови течности кои пак се растураат на удар, туку делуваат обратно – на удар реагираат со згуснување.
Покрај тоа што ваквите течности се зацврснуваат на удар, овозможувајќи поцврста заштита дури и од стандардните заштитни материјали, тие поради нивната состојба на течност успеваат да го распоредат ударот на многу поголема површина низ самата течност. Физиката укажува дека зголемената површина значи помал притисок, па тоа резултира со поефикасно намалување на моментот на проектилот или остриот предмет. Дополнително, течноста е значително поретка од стандардната заштита и е многу полесна, што ќе го намали товарот кој корисниците треба да го носат.
Според истражувачите од Моратекс, со нивната течност се постигнува намалување на продорот на проектили од 4 до 1 центиметар. Ова значи дека, за разлика од стандардната заштита која сепак може да го повреди корисникот или дури и да го убие ако незгодно навлезе без разлика што куршумот не пробил, со оваа течност според нивниот исказ тие го намалуваат овој ризик до „100 проценти“.
Ваквиот штит ќе може да се примени и во цивилни цели со оглед на тоа дека има потенцијал да биде многу лесен, неприметлив и кога ќе се појави конкуренција, пристапен за купување. Дополнително, тој може да се искористи за создавање на заштитни ракавици кои би реагирале во случај на кинење и дупнување и така би го заштитиле корисникот од потенцијален пренос на заразни болести, на пример ХИВ, сифилис и други.
Извор: Cnet, Reuters, Science in Poland