hj6ygdbv-1425396123

Марс е планета која почнува се` повеќе да влегува во вниманието на вселенските агенции. NASA, SpaceX на Елон Маск, Денис Тито… сите овие работат на начини за да се освои црвената планета. Ваквата опсесија е водена од повеќе фактори. Марс е извор на многу големи ресурси, особено железо и други метали (оттаму црвената боја). Тој има доста вода на половите, а се претпоставува и под површината. Марс е и добар за основање на идни човечки населби бидејќи има (скоро) соодветна гравитација и огромен простор кој би бил подложен на тераформирање и прилагодување за човечки, животински и растителен живот.

Еден од главните проблеми во освојувањето на Марс е наоѓањето на извор на енергија кој би можеле идните негови жители да го употребат во остварувањето на своите активности на површината. Еден од начините е секако искористувањето на сончевата енергија, но носењето на сончеви панели од Земјата е исклучително скапа инвестиција, а произведувањето на истите на неговата површина е еднакво авантуристички подвиг.

Дел од научниците предложуваат нов начин на стекнување со енергија базирана на искористувањето на т.н. сув мраз. Сув мраз е јаглероден двооксид кој е сместен на толку ниска температура што се наоѓа во цврста агрегатна состојба. Тој според најновите истражувања постои природно на површината на Марс во големи количества. Во основата идејата е со ваков сув мраз и користење на Лајденфрост ефектот да се покренува движење на турбини кои би создавале електрична или кинетичка енергија. Ова би требало да даде евтин и ефикасен извор на енергија на оваа планета потребна за одржување на идните човечки населби.

Инаку, Лајденфрост ефектот е оној кој го забележуваме кога на врела површина ќе ставиме капка вода. Водата, место да испари веднаш, почнува да лебди над површината. Ова се случува поради тоа што дел од пареата која се создала од водата ја подига останатата вода над површината и и` овозможува да остане зачувана. Истото може да се искористи и со сувиот мраз и токму овој ефект на испарен јаглерод двооксид под голем притисок да се искористи за придвижување на турбините. Истиот ефект може да се искористи за ефикасен транспорт на материјали кои користејќи го овој принцип можат да „лебдат“ и да се пренесуваат со малку енергија.

Извор: Phys.org, RT

Претходна статијаПатент на Google за нивната идеја за паметен дом
Следна статијаMarkO денес ја објави својата прва бета верзија